Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови. Слаб снег провејува низ Западна Македонија, а во остантите делови од државата врнежите се од дожд.
Авто мото сојузот на Македонија утринава информира дека задолжително користење на зимска опрема (ланци) е потребна на патниот правец Тетово-Попова Шапка, а забрана за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Ѓавато и Маврово.
Од Управата за хидрометеролошки работи информираат дека врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден. Во западните и јужните делови ќе бидат пообилни каде ќе наврнат над 30 l/m2. На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, слично време со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, а во повисоките делови од котлината од дожд и снег. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Најмногу снег има наврнато во Маврови Анови (61 сантиметар), а снег има и во Крушево, Попова Шапка, Дебар, Претор, Берово и Битола. Најмногу дожд во последните 24 часа има наврнато во Демир Капија (127 литри на метар квадратен).
Времето утре наутро облачно со слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, соопшти УХМР.
Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.
До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува.
Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.