
Јован Костадинов (19) од Виница е еден од хероите на трагедијата во Кочани.
Во трагичниот настан животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Деветнаесетгодишното момче-херој, Јован Костадинов од Виница, кој успеал да спаси дваесетина животи за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е во добра состојба. Тој е згрижен во скопскиот Клинички центар и очекува за неколку дена да биде отпуштен, пишува „24 инфо“.
Јован вели она што го видел не може да се опише со зборови, па ќе му треба време додека да може да зборува за целата трагедија.
„Ги гледаш другарите и другарките како умираат во раце, а не можеш ништо да направиш, ги вадиш само од чадот…“, вели Костадинов, кој стана познат како „тивкиот херој“ од трагедијата во Кочани, која однесе 59 млади животи.
Сведоци на драматичните моменти од пожарот и хаосот кој настанал, раскажаа дека Јован брзо размислувал и во блиска гаража нашол црево со кое ја натопил маицата со вода, ја ставил на лицето да се заштити од огнот и тргнал во херојскиот подвиг.
По храбриот потег на младиот Јован, граѓаните масовно се огласија на социјалните мрежи.
Тие бараат властите да му доделат највисоко државно признание на момчето, кое самоиницијативно влезе во дискотеката во пламен и ги извлекуваше жртвите на сигурно.
„Тој беше надвор кога избувна пожарот во Пулс. Брзо пронајде вода, ја натопи маицата и влезе низ страничната соба за да спасува“, објави очевидец на Фејсбук.
Голем број објави и сведоштва го означуваат Јован како „тивкиот херој“ кој несебично го ризикуваше животот.