Актерката Мариса Паредес, позната по улогите во филмовите на Педро Алмодовар, почина на 79-годишна возраст, соопшти денеска Шпанската филмска академија.
Парадес глумела во повеќе од 75 филмови и има добиено вкупно 27 филмски награди. Добитничка е и на почесната награда „Гоја“ во 2018 година, а благодарение на филмовите на Алмодовар, таа постигна и меѓународен успех.
На „Х“, Академијата извести дека шпанската кинематографија изгубила една од своите највпечатливи глумици.
Таа играше во неговите продукции „Високи потпетици“, „Цветот на мојата тајна“, „Сè за мајка ми“, „Разговарај со неа“ и „Кожата во која живеам“.
Соработката со легендарниот шпански режисер и ги отвори вратите на светската кинематографија, па играше во филмот „Животот е убав“ на Роберто Бенињи и „Ѓаволската кичма“ на Гиљермо дел Торо.
Од 2000 до 2003 година беше претседател на Филмската академија, институција која и ја додели наградата за животно дело „Гоја“ во 2018 година.
Добитник е и на многу други награди, како Златен медал за заслуги во ликовната уметност, Медал на градот Париз и филмски награди на фестивалите во Карлови Вари, Таормина, Малага и многу други.
„Слободата, образованието и културата се основни за животите на луѓето. Тоа е она што останува. Уметноста е она што останува“, рече Паредес во нејзиното последно големо интервју.