Еве колку изнесува почетната цена за квадратен метар на државните комерцијални станови во Скопје

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски, најави дека Акционерското друштво за изградба и управување со станбен и деловен простор има намера да гради згради за комерцијална продажба на станови со многу пониски цени, од оние кои ги имаат приватните инвеститори.
Во Битола веќе започнa продажбата на државни комерцијални станови по 1000 евра за метар квадратен.
Во Скопје ќе се градат 4 комерцијални згради, во Охрид и Штип по една. Се обидуваме силно да интервенираме на цената на пазарот на недвижности, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
фото фејсбук
Тој потенцираше дека сегашната цена е превисока за животниот стандард на граѓаните и затоа државата ќе се обидува да интервенира преку изградба на комерцијални станови.
– Во Скопје ќе почнеме 4 згради да работиме, во Охрид имаме активен повик за една, во Штип бараме локација, така што во овие четири места каде цената најмногу галопира, ќе се обидеме со наша интервенција цените на пазарот да ги намалиме. Сегашните цени на ниеден начин не одговараат на нашиот стандард, младите брачни двојки едноставно не можат сопствен дом да најдат, а по цена од 2500-3000 евра за квадрат никој не може со овој стандард да купи стан. Дополнително работиме на 5 социјални згради низ државата-истакна вицепремиерот Николоски.
Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) почна со продажба на комерцијални станови по многу пониски цени од оние што ги нудат приватните градежни фирми, но истовремено се градат и социјални станови за ранливи категории семејства.
– Во моментов, во фаза на градба е комерцијална зграда во градската четврт Даре Џамбаз, кај Стара воена пекара, Скопје. Објектот има 112 станбени единици кои беа продадени веднаш, по само два јавни повика, што само по себе зборува за огромната заинтересираност на купувачите. Покрај почетната цена од 1.450 евра за квадратен метар, дополнителен показател за довербата на граѓаните во АДИССДП е и високиот квалитет на градбата кој е впрочем и препознатлив елемент кај сите наши згради.
фото фејсбук
Исто така, започната е изградба на комерцијална станбена зграда во Битола која ќе има 65 станбени единици. Јавноста веќе е запознаена дека цената ќе биде за 30 до 40 проценти поевтина од онаа на пазарот во моментов, односно почетната цена ќе изнесува 1.000 евра за квадратен метар. Во овој град е предвидена градба на уште еден станбен објект со вкупно 60 станови.
Дополнително, АДИССДП ќе гради две комерцијални згради во Охрид со вкупно 130 станбени единици. Тендерската постапка за едниот објект е веќе во тек, а за втората се очекува наскоро да почне. Според „Годишната програма за изградба, продажба и одржување на станбен простор во сопственост на РМ“, која е во фаза на донесување, предвидено е и проектирање на комерцијални станбени згради, и тоа во Штип, Битола, Скопје и во Велес, изјави генералниот директор на АДИССДП, Марјан Стефановски за вечер.прес.