Дурмиши: Досега 4.500 апликации за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска во Општина Чаир заедно со директорот на Агенцијата за вработување Селајдин Белули го презентираше Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година.
Дурмиши посочи дека со Оперативниот план, Владата вложува рекордни 40 милиони евра за поддршка на вработувањето и самовработувањето. Истакна дека досега се поднесени над 4.500 апликации, што според него, покажува голема доверба и подготвеност на граѓаните да преземат иницијатива.
– Ова не е само план на хартија, туку ова е реална можност за над 10.000 лица да добијат пристојно работно место, поддршка за сопствен бизнис или обука на терен. Според последните информации со кои располагам поднесени над 4.500 апликации, што покажува голема доверба во мерките и подготвеност на граѓаните да преземат иницијатива, изјави Дурмиши.
На средбата беше ставен посебен акцент на мерката со која се предвидува обука кај познат работодавач, која според министерот е една од најдиректните форми на подготовка за вработување. Преку оваа мерка работодавачите добиваат можност да обучат идни вработени според своите потреби, невработените лица стекнуваат конкретни практични вештини во реална работна средина и се создава можност за долгорочно вработување по завршување на обуката.
– Мерка 3.1 е мост меѓу невработените и работодавачите. Таа нуди обострана корист, односно компаниите добиваат обучен кадар, а граѓаните добиваат шанса за стабилна работа … Граѓаните треба да знаат дека Владата стои зад нив. Ова не се само бројки – ова се реални шанси за подобар живот. Останете тука, развивајте ја вашата идеја, ние ќе бидеме партнер во тој процес, порача Дурмиши.
Посочи дека со Оперативниот план активни се и мерките за самовработување за кои, како што посочи, има голем интерес кај младите до 29 години и пристигнати се над 3.000 апликации.