Добрила испеа две македонски песни на грчко радио – една прилепска, друга љубовна (видео)
Снимено дома, со телефон, ама искрено и со љубов.
Македонскиот вокал Добрила Грашеска испеа две песни за грчкото радио и портал Фолк радио.
„Дорбила Грашеска, една прекрасна пејачка од Северна Македонија позната по своите соработки со Чалгија Саунд Систем и како дел од дуетот Добрила & Дориан, испраќа свои желби до folkradio.gr со коледарски песни од Прилепскиот Регион. Текстовите убаво го опишуваат обичајот на коледе“ – објавија од грчкото радио.
„Пред два-три дена грчкото радио и портал Folkradio.gr ме замолија да испеам песна поврзана со Божиќ. Јас ја испеав прилепската песна што ја пеат децата на Коледе „Коледица, Варварица“, но и една љубовна „Кој ти ги даде тие црни очи“. Снимено дома, со телефон, ама искрено и со љубов. И драго ми е што нашите соседи покажаа интерес и со такво внимание ѝ пристапија на нашата музика. Видеото е пред вас“, напиша Добрила на својата фејсбук-страница.