Доаѓа Петровден, па Павловден – од една работа треба да се пазите

Во сабота на 12 јули е Петровден, а во недела на 13 јули е Павловден, големи македонски празници со кои се поврзани многу обичаи.
Петровден е православен празник посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден. Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.
Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.
На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.
Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.
Пред Петровден најстариот во семејството бере по еден цвет петровец за секого од домашните. Така собрани, ги всадува во земја каде што никој нема да ги види, ни допира. Утредента рано, кога никој не гледа, оди да ги погледне цветовите. Кому од домашните цветот му стои право – тој ќе биде здрав, ако цветот е свиткан – ќе биде болежлив, а ако цветот овенал – ќе умре.
На овој празник не се оди во поле и не се почнуваат тешки земјоделски работи, особено не се впрегнуваат коњи во кола.
Постои верување дека на овој ден свети Петар им дели јаболка на децата на оној свет. Од таа причина се развил обичај дека пред Петровден не треба да се јадат јаболка. Во минатото, многу мајки што ги изгубиле децата се воздржувале од јадење јаболка пред Петровден, од страв дека поради тоа на овој празник нивното дете на оној свет нема да добие јаболко.
Уште едно верување исто така ги поврзува јаболката и Петровден. Оние што на овој празник се гаѓаат со јаболка или ги удираат едни од други, предизвикуваат град и временски непогоди. Сортата рани јаболка што дозреваат околу овој празник се викаат „петровци“ и од нив се прави петровденски колач со јаболка.
Палењето голем оган, сушењето кори на диви цреши или брези, е стар обичај за да се обезбеди добро здравје на стоката и благосостојба во домот.
Се верува дека свети Петар ги држи клучевите од рајот и дека поставил ковач на месечината за да ги ископира и да ги сочува за луѓето.
На Петровден ништо не се работи во поле, не смее да се сечат јаболка со нож ниту да се удираат едни од други, бидејќи во спротивно ќе падне крупен град и ќе ги уништи посевите.
Во некои села, на Петровден наутро им се разнесуваат јаболка на најблиските соседи за душа на умрените, а некаде се носат јаболка во црква на осветување.