Семејството на Лидија Трајковска (43) од Скопје, од вчера наутро живее во агонија, откако младата жена, која е сопруга и мајка, излегла од дома околу пет часот наутро, и и се губи траг.
Нејзината ќерка, Мартина, во изјава за „Фокус“ вели дека потргата се уште трае но и открива дека на семејството му било барано пари за возврат да добие некоја информација.
-Преку whatsapp добивме порака, ни бараа првин да уплатиме 500 евра на трансакциска сметка, а потоа откако наводно ќе ни кажеле што знаат за мајка ми, да сме уплателе уште 500 евра. Веднаш пријавивме во полиција. Според последните информации, лицето кое се обиде да изнуди пари е идентификувано и не е некој кого ние го познаваме.
Ужасно е да се користи ова кое нас не снајде, како начин да се дојде до пари! Никаква емпатија, никаква човечност! Од вчера, слушнавме секакви приказни, шпекулации и нелогични претпоставки за нашето семејство. Дали побегнала со некого, дали татко ми имал друга жена во неговиот живот, луѓе кои воопшто не не познаваат си земаат за право да судат и да изнесуваат секакви тези за нас.
Дали се скарале со татко ми пред да излезе, разни шпекулации, на кои ќе одговорам дека дома беше и мојата сестра, ако имало било каква кавга, сигурно дека таа ќе слушнела. Мајка ми и татко ми се разбрани и зрели луѓе, имаат прекрасен брак и сите ние живееме во љубов и разбирање, вели таа за Фокус.
Последна информација околу нејзиното движење имаме од снимки од камери, живееме во Јурумлери, а таа е забележана на автобуската станица Јурумлери.
Облечена е во зелен дуксер со црни шари, бели фармерки и црни чизми.
Пријателите на фејсбук го замолуваат братот на Лидија да овозможи неговиот пост да се шерува, но и да стави друга слика од неа, со цел граѓаните полесно да можат да ја идентификуваат.