Анета со новиот бенд сруши уште еден рекорд – следуваат 3 нови песни и бројни концерти!!

Откако пред само 3 месеци го срушија рекордот и поставија нов стандард за посетеност на концерт пред нашата дијаспора во Швајцарија, Анета Љумаковска и момците „ДаКапо Бенд” продолжуваат да нижат нови успеси.
Имено, во месец февруари кога традиционално во организација на Македонците во Швајцарија „МДД Пирок” беше организиран голем концерт по повод празниците „Св. Валентајн” и „Св. Трифун”, Анета со својот бенд го сруши рекордот на посетеност. Преку 4000 гости уживаа до доцните часови во ноќта.
– Чест и голема одговорност е да се настапува пред нашата дијаспора. Навистина ни е драго што сме секаде одлично прифатени и со нетрпение чекаме да ги објавиме датумите за новите концерти кои ќе се одржат во наредните неколку месеци, велат од бендот.
Неодамна преку социјалните мрежи хитот „Добар знак” повторно стана актуелен и речиси и да нема настап каде оваа песна не се пее, иако и годи ова, сепак Анета е максимално фокусирана на новите материјали кои ги работи заедно со нејзиниот нов бенд, како и кариерата која ја гради и за која вели дека е „како повторно родена”.
– Работиме на повеќе проекти. Имаме 3 нови песни кои се речиси при крај, има некои финеси да се доработат, па ќе можеме да ги пуштиме во етер. Убаво е што некои песни од минатото повторно се актуелни, но ние како екипа сме максимално фокусирани на новите материјали, за кои верувам дека публиката со нетрпение очекува да ги слушне. Очекувајте со Анета да ви подготвиме бројни изненадувања во наредниот период, вели трубачот Илија Мицев од ДаКапо Бенд.
Како потсетување, „Анета и ДаКапо Бенд” покрај Анета Љумаковска го сочинуваат и искусните музичари: Васко Спасов (вокал), Влатко Ѓорчев (кларинет и саксофон), Горан Костадинов (клавијатура), Тодор Ушитков (клавијатура), Никола Давчев (ударни инструменти) и Илија Мицев (труба). Со преку 200 настани годишно, музичкиот состав важи за еден од најбараните во Македонија и регионот.