„Џуџе, патувај мирно … не беше овој свет за тебе“ – Тамара Тодевска со последно писмо до Панчо од ДНК

Македонската музичка сцена денес остана без еден од своите најзначајни и најсветли ликови. Владимир Блажев – Панчо од популарното дуо ДНК, почина како последица од трагичниот инцидент што се случи пред седум месеци во Кочани. Веста за неговото заминување длабоко ги потресе бројните пријатели, колеги, соработници и илјадници обожаватели кои со неверување и болка се простуваат од човекот кој остави неизбришлива трага во македонската музика и култура.
Панчо не беше само артист, тој беше енергија и спој на исклучителен талент, човечност, хумор, визија и душа. Во текот на повеќе од две децении, преку ДНК, создаде музика што допре до генерации и генерации слушатели.
Посебно емотивна беше објавата на Тамара Тодевска, една од неговите најблиски пријателки и колешки, која со трогателни зборови се прости од него на Инстаграм.
-Не беше овој свет за тебе, не е ова место за луѓе со премногу љубов, добрина и талент. Ти од сѐ ова имаше во неизмерни количини и сакам да верувам дека одиш на подобро место.
Многу дружби, спомени, концерти, снимања…
Многу смеење, музика и емоции…
Горда сум што имав брат како тебе, другар за цел живот, колега кој знаеше да ме критикува, пофали, советува…
Патувај мирно Џуџе.
Секогаш ќе те сакам, порача Тодевска.
Овие зборови се само мал дел од богатото наследство што Панчо го остава зад себе, не само во форма на песни, туку и во срцата на сите што имаа чест да го познаваат. Неговата добрина, хуманост и посветеност беа инспирација за многумина, а неговата музика ќе живее вечно како сведоштво за еден живот исполнет со љубов, страст и искреност.
Македонија денес загуби уметник од редок калибар, но уште потажно, загуби човек кој несебично ја ширеше љубовта. Панчо беше симбол на современата македонска музика, но и симбол на пријателство, братство и верност.
Нека му е вечна слава и нека почива во мир!
View this post on Instagram