Интервју
COVER STORY

Искрено со Митко Јанчев – Дарба за пеење немам, ама знам да запеам за душа

Во искрен разговор за Гламур.мк, градоначалникот на Кавадарци открива што значи да се биде човек, пред сè друго.

Advertisement

Да се биде градоначалник не значи само да се носат одлуки и да се реализираат проекти, туку значи и секојдневно да се живее со градот, со неговите луѓе, со радостите и со предизвиците. Некои тоа го прават формално, а некои – од срце.

Во ова интервју за гламур.мк го запознаваме градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, човек кој веќе осум години ја донира својата плата во хуманитарни цели, но и кој успева, покрај бројните обврски, да остане посветен семеен човек и татко, голем пријател, сограѓанин што може да се сретне на утринско кафе во центарот на градот.

Advertisement

Со Јанчев зборувавме за хуманоста како начин на живеење, за гордоста што ја чувствува кон својот град, за семејните вредности, за малите човечки радости, но и за големите планови за иднината на Кавадарци, градот што го носи во срцето.

Осум години ја донирате вашата плата во хуманитарни цели. Ви се случува ли некој од луѓето на кои сте помогнале да ви пријде на улица и да ви каже „благодарам“, и што во тие моменти најмногу ве допира, а што ве потсетува зошто го правите тоа?

-Да, понекогаш ми се случува некој да ми пријде, да ме поздрави или само со насмевка да ми даде до знаење дека некако сум му помогнал. Искрено, тие моменти се највредни – не поради признанието, туку затоа што тогаш гледаш вистински доказ дека и најмала помош може да направи разлика во нечиј живот. Тоа ме потсетува зошто го правам сето ова – дека хуманоста не е обврска, туку начин на живеење. Верувам дека секој од нас може да даде нешто од себе, и кога тоа ќе се спои во едно, светот станува подобро место.

фото- приватна архива

Кога ќе се спомне Кавадарци, секој помислува на еснаф-луѓе, на вино, на серенади. Сепак, што е првото што Вам ви доаѓа на ум како синоним за Вашето Кавадарци и што за Вас е најголема гордост за градот?

-Кога ќе се спомне Кавадарци, првото што ми доаѓа на ум се луѓето… топли, вредни и искрени. Секогаш подготвени да помогнат, со големо срце и со онаа посебна енергија што ретко се среќава.

Advertisement

Да, горди сме на виното, на серенадите и на традицијата, но за мене најголемата гордост е човечноста што владее меѓу кавадарчани. Тоа чувство на обединетост, на подадена рака кога е најтешко – тоа е моето Кавадарци, и тоа е нешто што го носам со себе гордо, каде и да одам.

Шетате ли некогаш низ градот како „обичен Митко“, без придружба, без протокол? Каде најмногу сакате да седнете и да ги гледате луѓето од страна? Што обично нарачувате во кафуле или кафеана?

-Да, многу често. Искрено, најубаво ми е кога излегувам без никаква придружба. Сакам да прошетам низ центарот, да седнам во некое кафуле, да видам како си минуваат луѓето, да слушнам некоја спонтана приказна или шега. Тоа ме опушта и ме потсетува колку е убав животот во својата едноставност. Најчесто нарачувам обично кафе со млеко, макијато, или природно цеден сок. Со добра мисла и мирен момент, тоа ми е доволно за да се наполнам со енергија.

фото- приватна архива

Дома, кога ќе седнете на маса со Веселка и со трите деца, кој го има „последниот збор“? Се слуша ли таму гласот на градоначалникот или пак, на сопругот и таткото што попушта? Сакате ли да готвите?

– Хахаха, Веселка дефинитивно го има последниот збор, тоа нема дилема! (се смее, н.з).

Митко и Веселка, фото- приватна архива

Дома не сум градоначалник, таму сум само сопруг и татко, и така и треба да биде. Со децата секогаш има убави разговори, понекогаш и мали „дебати“, ама на крајот Веселка е таа што најчесто пресекува. Сакам кога сме сите заедно на маса – тоа се најубавите моменти во денот.

Митко со семејството, фото- приватна архива

А што се однесува до готвењето, не, искрено, никогаш не сум зготвил ништо. Најчесто сакам нешто едноставно, ама со душа – скара, риба или некое домашно гравче или омиленото јадење на децата.

фото- приватна архива

Кога правите семејна прослава кои три песни мора да се пуштат или отсвират од мерак? Свирите ли вие на некој инструмент? Имате ли дарба за пеење?

– Не свирам на инструмент, дарба за пеење немам, ама знам понекогаш да запеам за душа некоја од моите омилени песни. ,,Ми заплакало селото Ваташа’’ секогаш ме погодува и ги буди во мене сите емоции исто и ,,Бисер балкански’’. Освен тие, знам да ја запеам и „Мито бекријо“, а најчесто со таа и ме поздравуваат. Но на крај, најважно од сѐ е друштвото со кое седнуваш на маса, кога си со најблиските и најдрагите луѓе ништо друго не е важно.

Кои модни парчиња или стил најдобро ве претставува? Кои модни детаљи Ви се страст – чевли, ремени, часовници..?

-Најчесто се чувствувам удобно во класичен костум – тоа е мојот основен стил, но понекогаш сакам и поспортска гардероба, особено кога имам време за прошетка или спортски активности.

фото- приватна архива

Што се однесува до детали, часовниците се нешто што навистина ме привлекува – убав и квалитетен часовник што трае, а исто така обрнувам внимание на чевли и ремени, бидејќи тие го комплетираат изгледот. За мене најважно е облеката да ја носиш со самодоверба и да се чувствуваш удобно во неа.

За следниот мандат, покрај изградба на дом за стари лица и гасификација на Кавадарци, ја спомнувате и доградбата на скијачката патека Кожувска Панорама. Скијате? Како ја замислувате Кожувска Панорама и што лично би правеле таму во слободно време?

фото- приватна архива

– Да, скијам, и навистина ми е уживање кога имам прилика. Кожувска Панорама ја гледам како природно продолжение на веќе постоечката патека – место каде што семејствата ќе можат да дојдат, да скијаат, да се прошетаат и едноставно да уживаат во убавината на планината.

Лично, кога ќе имам слободно време, најмногу би сакал да одам таму со децата – да се спуштаме по патеките, да се смееме, да правиме снежни битки и да уживам во оние моменти кога тие се најсреќни. За мене, тоа е вистински одмор и начин да го поминеш времето со семејството, а истовремено да уживаш во природата што го прави нашиот крај посебен.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Реклама

Поврзано

New Ad
Back to top button