Ова е грешка број еден што сите ја прават кога ќе се разболат од настинка или грип
Многу е важно родителите да знаат дека аспирин не се препорачува за деца со вирусни инфекции.

Со доаѓањето на студеното есенско време, дождот и падот на температурите, луѓето сè повеќе време минуваат во затворени простории. А токму тоа е периодот кога најчесто се појавуваат респираторни инфекции, од обична настинка и сезонски грип, па сè до потешки вирусни заболувања кои можат да ги погодат и возрасните и децата.
Причината е едноставна: сувиот воздух и недостигот на проветрување создаваат идеални услови вирусите да опстанат подолго и побрзо да се пренесуваат. Последниве денови сè повеќе луѓе се жалат дека не се чувствуваат добро – кашлаат, имаат затнат нос, покачена температура или болки во телото.
Иако повеќето респираторни вируси предизвикуваат слични симптоми, сепак, постојат разлики меѓу настинката и грипот. Настинката најчесто започнува со кивање, гребење во грлото и лесна кашлица, без висока температура, и обично поминува побрзо.

Грипот, пак, е посериозен и се манифестира со: високa температура, силна кашлица, болки во мускулите и зглобовите, чувство на изнемоштеност и треска.
Доколку се јави и губење на мирис и вкус, можно е да станува збор за инфекција со коронавирус. За разлика од настинката, грипот може да доведе до компликации, па затоа е важно навреме да се консултира лекар за правилна дијагноза и терапија.
„Не одете на работа кога сте болни“ – предупредува лекарот
Њујоршкиот лекар, д-р Марк Малиган, нагласува дека најчестата грешка што луѓето ја прават кога ќе се разболат е тоа што продолжуваат да одат на работа.
– Ова го прават речиси сите, а не треба. Мораме да останеме дома кога сме болни, бидејќи така не го штитиме само сопственото здравје, туку и здравјето на луѓето околу нас, вели д-р Малиган.
Според него, мирувањето и одморот се најважни за побрзо закрепнување. Ако сепак одиме болни на работа, голема е веројатноста да заразиме и други.
– Кога сте болни, останете дома, пијте многу течности, одмарајте и по потреба земете лек за намалување на температурата.
Многу е важно родителите да знаат дека аспирин не се препорачува за деца со вирусни инфекции, бидејќи може да предизвика сериозни компликации, предупредува лекарот.
Превенција и најважни совети
Вирусите се шират преку ситни капки што се исфрлаат при кашлање или кивање, како и преку честички во воздухот. Затоа, наједноставните мерки остануваат и најделотворни:
редовно миење на рацете со топла вода и сапун,
проветрување на просториите,
избегнување блиски контакти со болни лица,
носење маска кога сте настинати или во близина на ризични групи луѓе.
Вообичаено, респираторните инфекции траат неколку дена и кај здравите лица поминуваат без последици. Но, кај постарите луѓе и оние со хронични заболувања, потребно е да се внимава повеќе и по потреба да се консултира лекар.
Кога да се јавите на лекар?
Итна медицинска помош треба да се побара ако се јави: отежнато дишење, влошување на симптомите по три-четири дена, температура што не опаѓа и покрај терапијата.
Не се враќајте на работа додека не поминат најмалку 24 часа откако ќе ви спласне температурата. А доколку и понатаму кашлате или кивавате, носете маска уште неколку дена, тоа е најмалку што можете да направите за да ги заштитите колегите и блиските.

Витамини и суплементи не се магично решение
Иако многумина веруваат дека внесувањето витамини и суплементи ќе го зајакне имунитетот, д-р Малиган предупредува дека тоа не е брзо или магично решение.
– Најдобар начин да го одржите имунитетот силен е преку здрава исхрана, редовно движење, избегнување на пушење, доволен сон и вакцинација. Нема краток пат до здравјето. Додатоците во исхраната можат повремено да помогнат, но секогаш треба да се консултирате со лекар пред да користите некој производ, особено оние што се нудат на интернет, објаснува тој.
Според него, вакцината против сезонскиот грип е еден од најефикасните начини да се спречат компликации, особено кај повозрасните и хронично болните лица.