Мицкоски: Мојата имотна состојба од кога влегов во политиката до денес е непроменета

Го слушам Венко Филипче како зборува дека сум штител на олигархија. Целиот мој живот го посветив на книгата и пенкалото, и така се градев себеси. И јас во политиката влегов чесно и со искрени намери, и мојата имотна состојба од тогаш до денес е непроменета. А тој, седнат во скутот на неговиот гуру, со хациенда на Водно направена додека е министер, со партнерски зделки со неговиот гуру, кој со чиновничка плата – што како премиер, што како градоначалник – има империја тешка стотици милиони евра, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг во Струмица.
Мицкоски посочи дека тука следува логичното прашање, како од едно просечно семејство се стигнува до милиони какви што тие имаат и располагаат.
„Одговорот го знаете, а резултатот го плаќаме сите ние – се вика разрушена држава и систем кој пропаѓа и кој сега мораме да го градиме од неговите темели. И нека создаваат лажна слика на душегрижништво, затоа што темелите на овој дом се составени од надежите, мотивите и жртвата на илјадници луѓе кои се вградија во тие темели. И целото мое време го посветувам за да ја кренеме Македонија, ама не се залажувајте ниту помислувајте дека заборавив за мигот што ѝ го направивте на државата“, кажа Мицкоски.