Заев до Мицкоски: Неспособен си и самобендисан и затоа клеветиш

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Струмица зборуваше дека поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев „што како премиер, што како градоначалник, има империја тешка стотици милиони евра“. Денеска Заев му одговори дека тоа се небулози и клевети на Мицкоски со кои со кои „сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава“.
„Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија.
Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици.
А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, напиша Заев на Фејсбук.