Вее снег на Стража, Лазарополе, Попова Шапка – еве какво време ќе имаме следните денови
Првиот снег рано пристигна во Македонија.

Метеоролозите „погодија“ со прогнозите – првиот снег во Македонија пристигна порано отколку што очекувавме.
Под влијание на циклонска активност и многу студена воздушна маса која продира од Русија кон Балканот, Македонија денеска е зафатена од невообичаено ладно време за почетокот на октомври. На Стража, Попова Шапка, Лазарополе и на повеќе планински предели веќе падна првиот снег, а на високите планини се очекува да се формира и значителна снежна покривка од над 50 до 60 сантиметри.
Се очекуваат обилни врнежи од дожд во текот на целиот ден, кои на многу места ќе надминат 30 литри на квадратен метар, а локално и над 60 литри. На повисоките места врнежите преминуваат во снег, а поради понатамошното заладување во текот на утрешниот ден, петок, можно е снег да има и во дел од повисоките населени места во западните и северните делови на земјата.
И во Скопје и околината времето е невообичаено студено за овој период од годината. Очекувани се обилни врнежи од дожд, во Скопскиот Регион се предвидуваат над 30 до 40 литри дожд на квадратен метар.
Денеска најстудено е во Маврово, каде утринската температура изнесуваше само 1 степен, а дневната ќе достигнува околу 3-4 степени. Најтопло ќе биде во Гевгелија, со дневна температура до 13 степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре времето ќе остане облачно и дождливо, со уште пониски температури, дневните ќе се движат меѓу 7 и 8 степени. На планините врнежите се очекува да преминуваат во снег, а поради понатамошно спуштање на студен воздух можно е снег и на дел од повисоките места низ земјата.
Од сабота се најавува стабилизирање на времето и повисоки дневни температури, иако утрата ќе останат студени.