Што навистина значи кога велиме „ме стега срцето“? Еве како да препознаете „тивок срцев удар“
Според истражување објавено во списанието „Сиркулејшен“, речиси половина од срцевите удари може да бидат „тивки“, што значи дека голем број луѓе воопшто не знаат дека ги преживеале.

Кога некој ќе рече „ме стега срцето“, обично мисли на чувство на притисок, тежина или непријатност во пределот на градите. Во медицината, овие симптоми може да бидат поврзани со срцеви проблеми, а понекогаш и со т.н. „тивок срцев удар“.
Што е „тивок“ срцев удар?
За разлика од класичниот срцев удар кој предизвикува силна болка во градите, отежнато дишење и притисок во градниот кош, тивкиот срцев удар (или „тивок инфаркт на миокардот“) се одвива постепено и со многу поблаги симптоми. Тие често остануваат незабележани, но опасноста е иста како кај секој друг инфаркт.
Според истражување објавено во списанието „Сиркулејшен“, речиси половина од срцевите удари може да бидат „тивки“, што значи дека голем број луѓе воопшто не знаат дека ги преживеале.
Симптоми кои лесно се мешаат со други состојби
Кардиолозите предупредуваат дека „тивкиот“ инфаркт може да се манифестира преку: ненадеен замор, непријатност во градите, грбот или вилицата, и краток здив.
Овие симптоми често се мешаат со проблеми со варење, последици од физички напор, па дури и со обична забоболка. Токму затоа многумина не им обрнуваат внимание.
Advertisement
Во поголем ризик се мажите (и тоа, до пет пати повеќе од жените), постари лица, дијабетичари, пациенти со висок крвен притисок, со покачен холестерол или семејна историја на срцеви заболувања.
Срцевиот удар настанува кога ќе дојде до прекин на протокот на крв низ коронарните артерии. Тоа доведува до одумирање на дел од срцевиот мускул. Дури и кога симптомите се благи, последиците може да бидат сериозни: поголем ризик од повторен инфаркт или срцев застој.

Како да се открие?
Многу често, тивкиот инфаркт се открива случајно, односно, на рутински преглед или при контрола поради долготрајна слабост, проблеми со варење или отежнато дишење. Најсигурен метод за дијагноза е електрокардиограм (ЕКГ), кој ја прикажува електричната активност на срцето и може да покаже оштетување предизвикано од „тивок“ срцев удар.
Дали „стегањето на срцето“ значи тивок срцев удар?
Чувството на „стегање во срцето“ може да биде предупредувачки знак, но не секогаш значи инфаркт. Тоа може да биде и последица на анксиозност, напнатост или проблеми со желудникот.
Сепак, кога е придружено со замор, болка во градите, краток здив или непријатност во грбот и вилицата, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.
Пораката на лекарите е јасна: иако симптомите на тивкиот инфаркт изгледаат „бенигни“, состојбата е сериозна и бара итна лекарска проценка.