Поларен бран над Македонија: Снег, дожд и ниски температури

Под влијание на Средоземен циклон кој секундарно ќе се формира и ќе влијае на времето почнувајќи од вечерните часови и ноќта кон утрешниот ден ќе има облачно време со обилни врнежи од дожд насекаде во земјава.
Во најголем дел од нашата Македонија ќе наврне големо количество на воден талог (над 30 литри дожд на метар квадратен а локално дури и над 60 литри дожд на метар квадратен).
Во исто време од исток и од североисток, односно од Русија ќе продира многу ладен воздух, невообичаен за самиот почеток на октомври и ќе услови засилен ветер од северен правец и многу ниски температури на воздухот. На повисоките места врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег со што ќе се формира првата сериозна снежна покривка за оваа сезона. На планините, особено оние планини со поголема надморска височина локално ќе се формира снежна покривка дури од над 50/60 сантиметри снег.
И во Скопје и околината за време на погоре споменатиот период ќе има обилни врнежи од дожд а на околните планини и повисоки места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и ќе дува засилен ветер од северен правец. И во Скопје и околината ќе има големо заладување на времето.