Македонски хибрид – Струмица одново пред времето, претставено чудото од возило на тркала и копита (фото)

Фотографија која денеска пристигна до нашата редакција од читател, го прикажува најновиот модел на еколошки транспорт што се движи по улиците на Струмица.
Станува збор за возило од иднината, со уникатен хибриден погон – предна коњска сила, задна школка од автомобил, и целосна независност од бензински пумпи. Додека остатокот од светот троши милијарди на развој на електрични возила, струмичкиот иновативен дух очигледно одамна ја надминал технологијата.
Ова превозно средство не само што не загадува, туку единствените „гасови“ што ги произведува, можат да се искористат како природно ѓубриво. Цела фарма би посакала таков ауспух. Школката од автомобилот, веројатно „Лада во пензија“, добила нов живот во ново партнерство – со четириножен мотор кој одлично се снаоѓа и на градски улици и на маалска кал.
Возачот е фино сместен внатре, удобноста е задоволителна, а климатизацијата е овозможена со отворен прозорец. Останува само да се реши прашањето: дали при вакво возило, технички преглед врши ветеринар?