Борче Наумовски Министерот за естрада: 35 фестивали, 30 години кариера и голем концерт во Битола
За време на сите овие години, Наумовски освоил голем број награди – и од жирито и од публиката...

Борче Наумовски – Министерот за естрада е едно од ретките имиња во македонската музика кое може да се пофали со навистина богата фестивалска историја.
Од 1995 година до денес, тој има настапено на околу 35 фестивали низ Македонија, што го прави еден од најпосветените и најактивните уметници на нашата сцена.
Својата кариера ја започнува на фестивалот Тримери во 1996 година, а само една година подоцна (1997) настапува на Тетовски фолк фест, Цветници и Фолк Фест Валандово. „Три фестивали во една година и три нови песни – тоа беа други времиња кога фестивалите беа настан“, раскажува Наумовски, кој уште тогаш бил нарекуван „фестивалско дете“.
Приватна архива
Во својата кариера има настапено: 6 пати на Фолк Фест Валандово, 5 пати на Прилеп Фолк Фест, 3 пати на Цветници, 3 пати на Охрид Фест – Охридски трубадури, 3 пати на Серенда фест, 4-5 пати на Роса Фолк Фест (каде годинава повторно ќе биде дел со нова композиција).
За време на сите овие години, Наумовски освоил голем број награди – и од жирито и од публиката. Некои од најзначајните се: Победник на Прилеп Фолк Фест 2010 со песната „Песна љубовна“, Победник на Фолк Фест Валандово 2012 со хитот „Друга жена не сакам“, Награда за најдобар дебитант и многубројни први, втори и трети места на различни фестивали.
Приватна архива
„Наградите порано беа симболични – статуетка или благодарница. Но, чест и гордост беше да се биде дел од фестивал и да се пее пред илјадници гледачи,“ вели Министерот за естрада.
Зад себе има четири студиски албуми, а иако самиот вели дека нема „преголеми“ хитови, сепак неговите песни се препејуваат и препознаваат насекаде низ светот. Посебно е барано име кај македонската дијаспора – во Австралија, каде што и живеел, како и во Шведска, Данска, Швајцарија, Австрија, Германија. Настапите таму се вистински празник за нашите луѓе, кои неговите песни ги пеат во еден глас.
Приватна архива
Голем солистички концерт во Битола
По повод јубилејните 30 години музичка кариера, Борче Наумовски – Министерот за естрада, најавува голем солистички концерт во Битола. Настанот ќе биде дел од годинешниот Бит-фест – Битолското културно лето, а ќе се одржи во уникатниот амбиент на античкиот амфитеатар Хераклеа Линкестис.
Вечерта ќе бифе празник на музиката и емоциите. Наумовски, кој три децении е присутен на македонската музичка сцена, ќе ги изведе своите најголеми хитови, но и нови песни, во придружба на бројни музички пријатели, колеги и соработници, како и Камерниот оркестар на Битола.
Приватна архива
„Ова ќе биде концерт за паметење, со многу музика, емоции и изненадувања. По 30 години на сцена, мојата љубов и енергија кон музиката се уште се исти како првиот ден,“ изјави Министерот за естрада.
Приватна архива
Публиката во Битола ќе има ретка можност да ужива во ретроспектива на неговото богато творештво, а самиот избор на Хераклеа како концертна сцена му дава дополнителна симболика и големина на настанот.