Дино во Штип: Спектакл за сите, без разлика на вера и нација – Крстот на Исарот ќе свети посилно од било кога
Љубовта кон музиката ги победува лагите и гневот по религиска основа!

Овој викенд, на 20 септември, Штип ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани на годината со спектакуларниот концерт на Дино Мерлин, кој ќе настапи во рамките на традиционалната „Пастрамалијада“. На оваа незаборавна вечер, легендарниот музичар ќе ги изведе своите најголеми хитови и ќе продолжи да ја креира музиката која ги обединува луѓето од сите етнички, верски и национални различности.
Меѓутоа, пред неколку дена се појавија дезинформации дека Дино Мерлин побарал да биде исклучено осветлувањето на Крстот кој е поставен на Исарот, што предизвика реакции во јавноста. Сепак, оваа информација беше демантирана од страна на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој преку социјалните мрежи објави фотографија од осветлениот крст на тврдината Исар, нагласувајќи дека станува збор за неточни гласини.

Дино Мерлин не само што е еден од најголемите музички идоли на Балканот, туку и човек кој со својата музика креира мостови помеѓу различните култури, народи и религии. Неговите песни носат пораки за љубов, мир и меѓусебно разбирателство, без разлика на различностите што ги носиме.
Мерлин во многу наврати досега има покажано дека е уметник за кој музиката нема граници, но и дека создава музика за сите луѓе, без разлика на нивната вера, нација или религија.
Спектакуларниот концерт во Штип ќе биде уникатно искуство, каде што ќе бидат споени музиката, светлината и емоцијата, а сè тоа ќе го направи уште поимпресивно осветлениот Крст на Исарот, кој ќе биде дел од амбиентот на оваа вечер.