Чудо покрај Вардар: 25 извори за 25 болести, секоја вода во овој Манастир лечи по нешто!

Во близина на Неготино, покрај автопатот и само стотина метри над нивото на реката Вардар, се наоѓа еден од највпечатливите и најпосетуваните манастири во Македонија – Манастирот „Свети Ѓорѓи“, познат и како Неготински манастир.
Ова духовно и историско светилиште, покрај своето религиско значење, е познато и по реткоста што ја нуди: дури 25 чешми, односно извори со вода за кои се верува дека лекуваат различни болести.
Манастирот е изграден во 1860 година на месноста Црквиште, со доброволни прилози од граѓаните на Неготино. Се претпоставува дека на истото место постоел постар манастир уште во 14 век, но бил уништен од Османлиите.
Најголемото богатство на манастирот се 25-те чешми, од кои според народното верување, секоја има лековита моќ за различна здравствена состојба. Секоја чешма носи име на светец, а најпосетена е онаа на Св. Ѓорѓи, од која се верува дека извира најсилна вода.
Манастирот е лесно пристапен. Од центарот на Неготино е оддалечен 3.6 километри. Патот е целосно асфалтиран, а до манастирот води јасно обележана табла. Во дворот има обезбеден паркинг простор за околу 7 до 8 возила.
Овде посетителите често доаѓаат од различни делови на државата со празни шишиња, ја полнат водата и ја носат дома. Манастирот Св. Ѓорѓи е место каде што верата, историјата, природата и легендите се преплетуваат. Без разлика дали доаѓате како верник, турист или љубител на мистика, ова свето место има што да понуди – од лековити води и богата духовна култура, до мир и убавина што ретко се среќаваат на едно место.