Судот ја продолжи забраната, но не и животот на Росица: Пет дена подоцна, велешанецот ги уби и неа и татко ѝ!

Само пет дена пред да го изврши двојното убиство во Велес, велешанецот Илија Стефановски добил судска одлука со која му била продолжена забраната за приближување до неговата поранешна девојка Росица Коцева.
Основниот суд во Велес на 10 септември го осудил Стефановски за закани и насилство, изрекувајќи му условна казна затвор од една година и четири месеци.
Судот ја задржал забраната за приближување до Росица и нејзиниот татко Киро, додека другите мерки на претпазливост, како задолжителното јавување во полиција и ограничувањето на движењето, биле укинати.
За потсетување, вчера околу 15:30 часот, Стефановски дошол во куќата на Коцеви во Велес. Таму го затекнал само таткото Киро, кого со нож го избодел до смрт. Откако не можела да го добие својот татко на телефон, Росица заедно со својот партнер дошла во домот. Само што влегле внатре, Стефановски веднаш ја нападнал и со повеќе убоди ѝ нанел смртоносни повреди. Таа искрварила на самото место. По злосторството, Стефановски влегол во една од просториите во куќата и со ножот си го одзел животот.
Трагедијата го потресе Велес и Македонија, и одново ја отвори дилемата колку се ефективни мерките за заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство.