Мајката на Ивона (21) што загина во пожарот во Кочани со ПОТРЕСНИ ЗБОРОВИ се огласи и сите ги растажи
„Никогаш нема да замолкнам пред неправдата. Вие ми ја одзедовте ќерката – но не и мојата љубов и мојата борба. За неа ќе зборувам додека дишам, а болката ќе ви биде сведок дека правдата мора да дојде“, вели мајката скршена од болка во својата тажна порака

Шест месеци без мојата Ивонче – шест месеци неправда
Мајката на Ивона Антова, 21 годишната девојка која беше една од настраданите во трагедијата во Кочани, се огласи на Фејсбук.
Нејзината мајка Стојка Иванова-Антова овој пат се огласи со тажна порака, а сподели и фотографија од своето чедо.
Фејсбук, Стојка Иванова-Антова
„Љубљана… таму требаше да започнеш ново поглавје од својот живот. Таму требаше да ги оствариш своите соништа, да зачекориш како моден креатор и да го пронајдеш својот пат. Таму, на тие улици, требаше да блеснеш со целиот свој талент и сила, да ја обликуваш својата иднина. Таму требаше да ја покажеш целата своја креативност, добрина и милост. Но наместо иднина – ти подарија темнина. Наместо радост – ти оставија болка. Наместо живот – ти го одзедоа со бездушност“, пишува мајката на оваа млада девојка која пред точно шест месеци го изгуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
И како што вели во своето понатамошно обраќање неутешната мајка на Ивона, таа денес наместо да и се радува стои со празни раце и скршено срце, заспивајќи секоја вечер со нејзината слика пред очите.
Фејсбук, Стојка Иванова-Антова
„А јас, ќерко моја, денес стојам со празни раце и скршено срце. Шест месеци без тебе… шест месеци во кои дишам, а не живеам. Секое утро се будам со твоето име, секоја вечер заспивам со твојата слика пред очи. Шест месеци живеам со празнина што не се мери. Шест месеци гледам како тие што се виновни си живеат, додека мене ми ја скратија најголемата радост. Нивните денови продолжуваат, а мојот застана на 16.03. ТОЈ ден кога срцето ми беше распарчено. Ниту еден ден не поминува без да си ја прашам судбината – зошто токму ти, зошто толку млада, зошто мене ми ја зеде светлината?“ пишува во својата тажна објава на Фејсбук мајката на Ивона.
Во продолжение прочитајте го и останатиот дел од нејзиното обраќање со кое по шест месеци мајката повторно се збогува од сојата ќерка:
„Никогаш нема да престанам да зборувам за тебе, Ноне мое. Никогаш нема да замолкнам пред неправдата. Вие ми ја одзедовте ќерката – но не и мојата љубов и мојата борба. За неа ќе зборувам додека дишам, а болката ќе ви биде сведок дека правдата мора да дојде“.
Вашата совест можеби молчи, но Бог гледа
„Ти беше мојата радост, мојот сон, мојата гордост. Секогаш насмеана, секогаш прва за сите, а последна за себе. Секогаш со отворено срце и чиста душа. Ивона, ти беше сè што мајка може да посака“.
„Љубљана можеби беше почетокот, но не беше крајот. Бидејќи она што го започна – твоите соништа, твојата добрина, твојата љубов кон животот – живеат во мене и ќе живеат вечно. Никој и ништо не може да ми ја избрише гордоста што си била моја, и болката што веќе шест месеци ја носам – болка што никогаш нема да зарасне“.
Но запомнете – вистината никогаш не може да се сокрие. Вашата совест можеби молчи, но Бог гледа. Вашите лица можат да се смеат, но душата нема да ви најде мир. Мојата Ивонче беше светлина – вие ја згаснавте, но не ја уништивте. Таа живее во мене, во сите што ја сакаа, и ќе свети засекогаш.
„Моја Ивонче, ангелу мој, ти си мојата вечна гордост“.
„Ќерко моја, ангелу мој, знам дека од небото ме гледаш со онаа твоја најубава насмевка. Те сакам бескрајно, и ќе те сакам засекогаш. Ти беше и остана мојата сила, мојата светлина и мојата вечност“, напиша мајката на Ивона скршена од преголемата болка.
Потсетуваме, во пожарот што се случи на 16. март во дискотеката „Пулс“ во Кочани згаснаа животите на 62 луѓе, а повредени беа преку 200 лица од кои повеќето беа хоспитализирани во странски болници.
Ова е еден од најтрагичните настан во поновата историја на нашата земја, а најмладата жртва имаше само 16 години.