(Видео) Подметнат пожар во Пинтија во сервис за возила, на камера е фатен подметнувачот

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, објави видео-снимка на која се гледа моментот кога е подметнат пожарот во сервисот за автомобили во населбата Пинтија, кој утрово целосно изгоре. На материјалот јасно се забележува човек со качулка како прескокнува ограда, истура гориво врз паркирани возила и предизвикува силна експлозија, по што пламените за кратко време го зафаќаат целиот објект.
Пожарот избувнал нешто пред четири часот наутро, во близина на Стаклара, на местото познато како Каменик. Поради големата количина на возила и запаливи материи во сервисот, огнот се проширил со огромна брзина. Скопската Противпожарна бригада интервенирала со осум возила и успеала да ја стави ситуацијата под контрола до шест часот.
Дирекцијата за заштита и спасување потврди дека, иако нема повредени лица, материјалната штета е сериозна и се проценува на значителна вредност.