„Драги мои, денешниот ручек го приготвив по нарачка за целата моја фамилија – за моите деца, внуци и сите мои најблиски. Од срце сакам да ви ја пренесам оваа традиционална тиквешка јанија, позната и како компир-манџа“ – ни раскажува вештата домаќинка Зорка Јанчева од Тиквешијата.
Ова јадење е полно со вкус, љубов и топлина, токму она што ја прави трпезата вистинско собиралиште на семејството.

Потребни состојки:
3 парчиња свинско филе
1 кг компир
2 главици кромид
1 домат
1 црвена пиперка
5 чешниња лук
1 пакетче замрзната бамија
2 големи моркови
1 лажица брашно
1 лажичка црвен пипер
Вода (по потреба)
Масло за пржење
Зачини по вкус: мешан зачин, сол, бибер, куркума, нане, оригано.

Начин на подготовка:
Подготовка на месото и зеленчукот:
Свинското филе добро исчистете го и исечете го на средно големи парчиња. Компирот излупете го и исечете го на коцки. Кромидот, патлиџанот, морковите и пиперката исечкајте ги на ситно, а лукот згмечете го на покрупни кругчиња.
Пржење:
Во поголем сад ставете масло да се загрее, па додадете го месото заедно со сите зеленчуци (освен компирот). Пржете ги додека да омекнат и пуштат убав мирис.
Зачинување и варење:
Додајте ги лукчето и црвениот пипер, промешајте, па налејте вода колку да ги покрие состојките. Зачинете со мешан зачин, сол, бибер, куркума, нане и оригано. Поклопете го садот и оставете да крчка на средна температура додека месото омекне.
Додавање на компирот:
Кога месото ќе биде готово, додадете го компирот и продолжете со варење додека и тој омекне.
Потпржување:
Во мал сад направете запршка, загрејте малку масло, додадете брашно и црвен пипер, па кратко промешајте. Додадете ја оваа запршка во јанијата за да добие густина и старински вкус.
Завршница:
Сè заедно оставете да покрчка уште неколку минути за вкусовите да се соединат.


Сервирање: Јанијата е најубава кога се јаде топла, со свежо домашно лепче. Ова јадење носи семејна топлина и спомени од детството – вистинска трпеза за душа.
