Интервју
COVER STORY

Кога живеете со искреност, животот ви возвраќа со иста мера – примабалерината Александра Мијалкова открива што ја прави среќна

„Се восхитувам на жената која е силна, истрајна и достоинствена, жена која знае да се справи во различни ситуации и храбро да се носи со предизвиците на животот“- вели примабалерината Александра Мијалкова во интервју за Гламур.мк

Advertisement

Нејзината приказна со балетот започнала уште во најраната возраст. Уште како мало девојче имала силна желба да танцува, веројатно, како што денес вели, најголемо влијание имала мајка ѝ, истакнат балетски уметник од првата генерација основоположници на македонскиот балет.

„Таа секогаш ме носеше на претставите што беа на репертоарот, а јас, гледајќи ги балерините на сцената, со воодушевување посакував еден ден и јас така да танцувам“ – се сеќава Александра. Сепак, пресудни биле нејзиниот талент и огромната желба, благодарејќи на кои ја запишале во музичко-балетската школа кај професократа Ѓургица Јовановска. Работејќи со неа, брзо напредувала и ја совладувала техниката.

Advertisement
Принтскрин/ Јутуб, Канал 5

„Во тоа време постоеја балетски натпревари на ниво на Југославија, каде имавме можност да подготвуваме делови од различни балети и да работиме интензивно што за нас беше голем предизвик. Особено сум горда што бев добитничка на златна плакета и прва награда во Нови Сад“ – продолжува со сеќавањето наназад, нашата соговорничка, примабалерината Александра Мијалкова.

„По завршувањето на школувањето, професионалниот пат го започнав во театарот како редовен член на ансамблот. Постепено напредував, од ансамблови игри и мали соло-партии, па сè до главните и носечки улоги, преку кои успеав целосно да го изразам својот уметнички потенцијал“.

Advertisement
Приватна архива

Професорката Тања Вуисиќ Тодоровска истакна за Александра дека „со нејзината танцова естетика ќе остане забележана во македонската балетска историја по способноста за прецизно дефинирање на ликовите, по истенченото чувство за стил и умереност, грациозното движење ипрецизните манири“. Додека, пак, професорката Соња Здравкова-Џепароска, вели дека примабалерината Александра Мијалкова „ќе останете  запаметена во историјата на македонскиот балет како балерина со широк играчки дијапазон, способна подеднакво да се снајде како во класичниот балет, така и во неокласичното кореографско структурирање и во слободната модерна поетика“.

Колку Ви значат овие епитети и што е потребно за да може да се снајде една балерина и во класиката и во модерниот балет?

– Овие зборови за мене претставуваат голема чест и потврда на долгогодишната посветеност кон уметноста, особено затоа што доаѓаат од врвни педагози и уметници чиј труд и авторитет длабоко ги почитувам.

Со професорката Тања Вуисиќ Тодоровска работев на многу улоги. Таа беше мој репетитор долги години и заедно ги разработувавме карактерите до најситните детали. Професорката Соња Здравкова-Џепароска, пак, која е и продекан на ФМУ, ја следеше мојата кариера континуирано, гледајќи го моето уметничко созревање. Нивните зборови за мене се сведоштво за еден долг, посветен пат исполнет со труд, дисциплина и љубов кон балетот.

Приватна архива

По својата природа сум класична балерина, тоа е мојот темел, а класиката бара правилна поставеност на телото, совршени линии, чистина и прецизност. Но, модерниот балет го сакам подеднакво, бидејќи ми дава слобода во изразувањето, можност да излезам од рамките на строгата прецизност и да истражувам во просторот, внесувајќи сопствена интерпретација. За мене, овие два стила не се спротивставени, туку се надополнуваат и ме прават покомплетна како уметник.

Приватна архива

Магистриравте како педагог со што продолживте да го пренесувате своето знаење како професор на студентите. Што повеќе Ве исполнува, професијата како примабалерина или како професор?

– И двете страни на мојата професија ми носат голема радост. Кога бев активна на сцената, бев целосно посветена на себеси и на танцот – целата енергија ја насочував кон подготовката и реализацијата на улогите. Со тек на времето, сè повеќе чувствував потреба да го пренесам своето долгогодишно искуство.

Педагошката работа за мене е голем предизвик. Во младите балетски играчи ја гледам иднината на нашата уметност и се трудам да им го пренесам своето знаење и искуство, создавајќи нов кадар кој ќе ја развива и унапредува балетската уметност во Македонија.

Моментално работам со првенците и солистите на балетот, а воедно предавам и на Академијата за балет при Факултетот за музичка уметност.

Приватна архива

Кој е најголемиот предизвик за една примабалерина?

– Најголемиот предизвик за една примабалерина е постојаниот стремеж кон усовршување и кон достигнување на високи цели.

Секој лик бара ново истражување, длабоко разбирање и целосна посветеност, не само од технички, туку и од драмски аспект. Идеалот кон кој трагаме, можеби, е недостижен, но токму во таа постојана потрага се крие убавината на нашата професија. Со секојдневните вежби и репетиции се трудиме да напредуваме и да се усовршуваме, затоа што само преку континуирана работа може да има вистински развој и просперитет.

Приватна архива

Што треба да поседува една личност за да се занимава со оваа професија и што е најважно за да се биде успешнa во оваа професија?

– Потребно е, пред сè, голема дисциплина, упорност, истрајност, посветеност и огромна љубов кон уметноста. Талентот и физичката подготвеност се важни, но исто така треба и психичка подготвеност за да се носиш со тежината на оваа убава, но тешка професија. Посебно голема е одговорноста на првиот играч, бидејќи тој е лицето на целиот ансамбл. Примабалерината треба да биде пример за останатите, инспирација за помладите и истовремено да остане професионална и човечна во односот кон работата и колегите. За мене вистинскиот успех е кога уметникот успева да остане и врвен професионалец и достоинствен човек.

Сте одиграле многу главни улоги во голем број балетски претстави. Сепак, која улога Ви беше најголем предизвик, а која Ви е најдрага?

– Секоја улога е посебна и носи свои предизвици и убавини, сите ми се драги на свој начин. Во моите помлади години повеќе ме привлекуваа техничките и виртуозни улоги, како што се Одета, односно Одилија, во „Лебедово езеро“ или Китри во „Дон Кихот“, како и многу други.

Со текот на времето и со уметничкото созревање, сè повеќе ме инспирираа драмските и психолошки комплексни улоги, каде што предизвикот не е само во техниката, туку и во длабочината на изразот и способноста за драмско обликување на ликовите. Всушност, тоа е природен процес во развојот на секој балетски уметник.

Приватна архива

Која награда Ви е најдрага?

– Секоја награда за мене е признание за трудот и посветеноста, но најдрага ми е државната награда „Св. Климент Охридски“.

Принтскрин/ Фејсбук, Т.Б. Слободанка

Да се биде балерина треба да се биде во континуирана кондиција и да се одржува телесната тежина. Како успевате сите овие години да бидете во форма и со извонредна линија?

– За нашата професија, телото постојано треба да биде во кондиција, а формата и линијата се одржуваат само со секојдневна работа и дисциплина. Со вежбањето балет се активира секој мускул, се гради тело со долги линии, елеганција и сила, а воедно се развиваат издржливоста и флексибилноста.

Со текот на годините сфатив дека одржувањето на врвна форма бара разновидност и балансиран пристап. Затоа, покрај редовните часови по класичен балет, практикувам и фитнес и реформер пилатес, кои ми помагаат да ја зајакнам мускулатурата, да ја подобрам стабилноста и да ја зачувам подвижноста на телото.

Внимавам и на правилната исхрана и на одржувањето на здрав начин на живот. За мене, одржувањето на кондицијата е начин на живеење, а дисциплината стекната преку балетот ми остана водилка во секојдневието.

Приватна архива

Со Вашиот сопруг имате професии кои се специфични, различни, но и подложни на јавност, кому му е потешко Вам или нему?

– И двете професии носат свои специфичности и предизвици. Тешко е да се спореди кој го има потешкиот дел, едноставно, природата на нашите работи е различна.

Во мојата професија, балетот бара максимална концентрација и физичка и емоционална подготвеност во секој момент. Кај него, пак, предизвиците се во друга насока, но исто така бараат голема одговорност. Најважно е што меѓусебно се поддржуваме, го разбираме притисокот со кој секој од нас се соочува и се трудиме да го задржиме балансот меѓу работата и приватноста.

Како се запознавте со Сашо и со што Ве освои?

– Со Сашо се запознавме спонтано, тоа што веднаш ме привлече беше неговата харизма и искреност, а со текот на времето стана моја најголема поддршка, и во професијата и во животот.

Која е тајната да се одржи успешен брак по толку години заеднички живот, со оглед дека се соочивте, во меѓувреме, и со многу предизвици?

– Тајната на успешен брак е во заемното почитување, довербата и поддршката. Животот носи и убави и тешки моменти, но важно е секогаш да се гледа во иста насока и да се има разбирање еден за друг. За нас, искрената комуникација и подготвеноста да се надминат предизвиците заедно се она што нè држи силни и обединети со години.

Каков тип на мајка би се опишале себеси, и што Ви беше најважно да им пренесете на Вашите синови?

– За мене најважно беше моите синови да пораснат со чувство за одговорност, почит и чесност. Се трудев да ги учам на вистинските вредности – да бидат добри, човечни, да сакаат и да почитуваат.

Што Ве прави среќна?

– Среќна ме прават малите нешта во секојдневието, времето поминато со семејството и со пријателите. Среќна сум и кога сум опкружена со уметност и убавина, а најголема радост ми е чувството дека луѓето околу мене се здрави, исполнети и задоволни.

Имате ли некое хоби што Ве релаксира, во што уживате во слободното време?

– Уживам во едноставните работи, во моментите што ми носат среќа и радост. Слободното време најчесто го поминувам со семејството, во дружење со пријателите и, секако, со моите кучиња, кои секојдневно ми даваат енергија и ме прават среќна.

Приватна архива

На која позната жена ѝ се восхитувате и зошто?

– Се восхитувам на секоја жена која е силна, истрајна и достоинствена, жена која знае да се справи во различни ситуации и храбро да се носи со предизвиците на животот. Жена која е искрена, верна на себе и на своите вредности. Токму таквите жени за мене се вистинска инспирација.

Како го поминавте летниот период?

– Летниот период најмногу го користам за одмор и за повеќе време со семејството. Уживам во прошетки, патувања и во убавината на летните денови покрај море. За мене, летото е време кога можам да се опуштам, да наполнам енергија и да се посветам на луѓето што ми значат.

Кое е Вашето мото кое ве води низ животот?

– Верувам дека кога човек живее со чесност, искреност и позитивност, животот му возвраќа со истата таква енергија.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button