ХРВАТСКА ТАГУВА: Почина легендарната актерка

Хрватската актерка Нина Ерак почина на 69-годишна возраст, соопштиија од театарот „Керемпух“.
„Со голема тага известуваме дека нè напушти нашата колешка и пријателка Нина Ерак, долгогодишна членка на ансамблот на ‘Керемпух’, истакната и повеќепати наградувана театарска, телевизиска и филмска актерка, која целиот свој живот му го посвети на театарот“, стои во објавата.
Родена во Загреб, Ерак дипломирала на Академијата за драмска уметност во класата на Раде Шербеџија и Изет Хајдархоџиќ. Од 1980 година одиграла улоги во повеќе од 55 претстави, а соработувала и со други театри и фестивали, меѓу кои „Гавела“, ЗКМ и Дубровничките летни игри. Најпозната беше по улогата на Зорка Скоруповиќ во серијата „На граници“. Во пензија замина во 2021 година.
Ерак 28 години беше во брак со актерот Борис Свртан, со кого ја има ќерката Петра. По разводот во 2018 година, изјави дека се соочила со посттрауматски стрес, но дека со поранешниот сопруг останала во коректни односи.