Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите

Пензионерите, кои пред повеќе од една година протестираа за линеарно зголемување на пензиите, синоќа од Свети Николе побараа и годинава да добијат линеарно покачување на пензиите, наместо процентуално.
Трајче Станојков член на Иницијативниот одбор од Општина Свети Николе вели дека актуелните мерки за усогласување на пензиите, кои се засновани на процентуално зголемување, не се доволни и не обезбедуваат фер распределба на средствата.
– Бараме на 15 јули премиерот Мицкоски да не прими и да му образложиме за предлог законот што го имаме доставено до Собрание, а истовремено да му ги кажеме и неправилностите за овие 30 години, за времето на транзицијата – изјави Станојков.
Пензионерите посочуваат дека протестираат и за младите. Според нив, доколку покачувањето на пензиите е процентуално ќе бидат оштетени и идните пензионери.
Собирот и протестот се одржа во Свети Николе, а на него присуствуваа пензионери од сите градови. Освен средба со премиерот пензионерите, уште еднаш јавно побараа и оставка од претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајковска, која ја обвинуваат дека не ги застапува нивните интереси.
Да потсетиме министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција за годишен отчет на сработеното, потврди дека ќе се испочитува законската должност за редовно зголемување на пензиите на полугодишно ниво, и покрај тоа што тие во изминатиот период добија линеарно зголемување од 5.000 денари.
Поради неостварување на проектирани приходи во пензиски фонд има потреба од дополнително пренасочување на средства кон ПИОМ, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, одговарајќи на прашање да дополнителните милијарда денари планирани во ребалансот на буџетот.
– Станува збор за неостварување на проектираните приходи во рамки на пензискиот фонд и потреба од дополнително пренасочување на средства кон нив, од страна на буџетот.
Во однос на усогласувањето на пензиите, веќе кажавме дека во септември, ние го вративме на сила, и така беше предвидено, старото законско решение, ќе продолжиме со истото и ќе имаме покачување, чекаме да заврши месецот и да видиме колку ќе бидат точно пресметките за покачувањето на пензиите до крајот на годината -рече Димитриеска – Кочоска.