Откако заработи кривична, младиот кривопаланчанец јавно се извини за малтретирањето на кучето и ја појасни ситуацијата ВИДЕО

23-годишникот А.А. од Крива Паланка јавно се извини за малтретирањето на кучето на автопатот во градот.
Откако во јавноста се појави видео на кое се гледа како кучето трча врзано за автомобил во движење, полицијата отвори истрага за случајот и младиот кривопаланчанец кривично ќе одговара.
Се води истрага поради сомнение дека сторил кривично дело „мачење животни“ по член 233 од Кривичниот законик.
Од Здружението за заштита на животните „Happy Paws“-Крива Паланка и Ранковце разговараа со сторителот на делото кој јавно се извини и појасни дека кучето само излегло од возилото, а тој не можел да го запре возилото бидејќи возел на автопат.
Јавноста со бурни реакции за случајот. Бараат казна за несовесното постапување со кучето кое инаку било вдомено од улица.
Инаку ОВР Куманово до ОЈО Крива Паланка ќе поднесе кривична пријава против А.А. (23) од Крива Паланка поради сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“ по чл. 233 од КЗ. На 10.05.2025 во 23.30 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено дека на социјална мрежа е објавена видео снимка, на која се гледа како во Крива Паланка, куче било врзано за патничко моторно возило во движење и кучето било принудено да трча.
Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициските службеници од ОВР Крива Паланка и било утврдено дека сопственик на возилото и кучето е А.А. (23) од Крива Паланка.
Со него е извршен службен разговор и против него ќе биде поднесена кривична пријава.