Српската пејачка за дискотеката „Пулс”: Мислевме дека сме ја згрешиле адресата кога видовме како изгледа

Трагедијата која се случи во дискотеката “Пулс” во Кочани, каде загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени и се лекуваат во земјава, регионот и странство, ја потресе цела Македонија и Балканот.
Јована Пајиќ е последната српска пејачка која имаше настап во дискотеката “Пулс” во Кочани, каде за жал во големата трагедија кога избувна пожар на 16 март, загинаа 59 лица меѓу кои и малолетници, додека околу 200 се повредени, а поголемиот дел од нив сеуште се на лекување во земјава, регионот и странство.

Јована се огласи за српскиот портал “Блиц” по повод големата трагедија:
– Местото е дискотека, не е некој шатор па така лесно да избие пожар. Ужасно е ова што се случи, навистина сум потресена. Не се сеќавам кога настапував дали имаше поголема пиротехника, која би можела да предизвика пожар, вели Јована.
И српската пејачка Марија Микиќ откри дека е потресена по трагедијата во која за жал заминаа многу млади животи и многу семејства останаа во црно.
Пејачката порано настапувала во дискотеката која изгоре, а во едно гостување раскажа како изгледал “Пулс”.
– Видовме дека животот е само момент…Ми застана гласот додека зборувам за ова…Во некои весници излезе веста дека и јас настапувам, па мајка ми испаничена ме бараше да ме праша каде сум кобната ноќ. Не знаеја како се вика дискотеката, вели Марија.
Додава дека пред една година таа имала настап во “Пулс”. – Ќе бидам потполно искрена…кога дојдовме пред клубот мислевме дека сме ја згрешиле адресата. Кога ќе влезеш внатре е друга приказна, изгледа како вселенски брод. Огромна спротивност на тоа што не дочека надвор. Публиката беше прекрасна, прекрасна енергија, што не очекував од едно мало место како Кочани. Но навистина се наежив цела, вели пејачката.

Таа изрази и длабоко сочувство.
– Се уште не можам да испроцесирам што се случило. Не сакав ни да гледам на Инстаграм, жално…Изразувам најдлабоко и искрено сочувство до Македонија, вели таа.
Имала закажано настап во април во Македонија но вели бил откажан.
– Не знам како ќе застанам таму на бина и како ќе им се обратам на луѓето, заклучи таа во емисијата “Интригантно”.
Трагедијата во дискотеката однесе 59 животи меѓу кои и малолетници, а по пожарот беше прогласена седумдневна жалост.