
Пратеничката група на СДСМ во текот на оваа недела ќе го достави во Собранието предлог-законот за ослободување од дел од придонесите од задолжително социјално осигурување заради зголемување на платите во приватниот сектор. Ова законско решение, доколку биде усвоено, ќе овозможи работодавачите да им ги зголемат платите на своите вработени од 3.000 до 15.000 денари без да плаќаат придонеси за тој зголемен износ.
Според предлогот, придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување ќе останат замрзнати на просекот од последните три исплатени плати на работникот, при што ваквата мерка ќе важи во период од една година. Ова значи дека компаниите ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени без да се соочат со зголемени давачки за социјални придонеси, а работниците ќе добијат зголемени примања без одложувања.
Законот се однесува на сите работници во приватниот сектор чии месечни нето плати не надминуваат 65.380 денари. Ова значи дека потенцијално 400.000 работници би можеле да добијат зголемување на платата без тоа да претставува дополнителен товар за работодавачите.
Според анализите на пратеничката група на СДСМ, ако просечното зголемување на платите изнесува 7.500 денари, тогаш на годишно ниво ќе се реализира вкупно зголемување од 36 милијарди денари (585 милиони евра). Оваа пресметка е базирана на 400.000 вработени со покачување од 7.500 денари помножено со 12 месеци.
Иако работодавачите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси за зголемениот дел од платата, тие сè уште ќе го плаќаат данокот на личен доход, кој изнесува 10%. Ова значи дека, како резултат на примената на овој закон, во државниот буџет би се слеале 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход.
Предлог-законот прецизно дефинира кој може, а кој не може да користи ослободување од придонеси. Компаниите ќе можат да го користат ова ослободување за оние вработени кои биле ангажирани во истата фирма во последните три месеци и кај кои евидентно ќе има зголемување на нето-платата во рамките на предвидениот распон.
Од друга страна, законот не се однесува на компании во јавниот сектор, државни органи, институции во образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и други дејности од јавен интерес, како и на компании кои веќе добиваат финансиска поддршка за вработување од државата.
СДСМ ја повика Владата и парламентарното мнозинство да го поддржат овој закон, истакнувајќи дека оваа мерка ќе донесе позитивни ефекти како за работниците, така и за компаниите и државниот буџет.
„Ова е мерка која обезбедува повеќе пари за граѓаните, без да создаде дополнителни трошоци за компаниите. Со зголемување на нето-платите ќе се подобри животниот стандард, ќе се намали одливот на кадри во странство и ќе се поттикне продуктивноста. Истовремено, компаниите ќе добијат финансиска сигурност и поддршка за да инвестираат во човечкиот капитал. Владата треба да покаже дека вистински се грижи за граѓаните и да го поддржи овој закон“, изјави Сања Лукаревска на прес-конференцијата.
Таа додаде дека ова не е политичко прашање, туку прашање од директен интерес за граѓаните и работодавачите.
„Очекуваме сите пратеници да го поддржат овој предлог-закон. Ова е прашање на реални, конкретни решенија кои влијаат врз секојдневниот живот на работниците. Ако некој гласа против, ќе мора да објасни зошто е против зголемување на платите“, порача Лукаревска.
Според предлогот, законот би стапил во сила од 1 март 2025 година и ќе важи до 28 февруари 2026 година. Доколку биде усвоен, оваа мерка ќе биде значителен чекор кон подобрување на економскиот стандард на граѓаните и развој на пазарот на труд во Република Северна Македонија.