Амра Исмани: И брат ми Амар исто како Фросина, без никаква причина, беше убиен од монструм создаден од системот
Модната дизајнерка Амра Исмани на својот Фејсбук профил ја сподели нејзината траума која го промени нејзинот живот и животот на нејзиното семејство засекогаш.
Нејзиниот фејсбук статус ви го пренесуваме во целост:
Пред неколку дена ја добив тажната вест за уште еден прерано згаснат живот во Скопје. Фросина ја познавав лично – колешка, студентка по моден дизајн, младо, амбициозно девојче чие позитивно присуство се одразуваше и во нејзините креации. Искрено сочуство до нејзиното семејство!
Ова е убиство, не несреќа – добро позната болка за мене и моето семејство.Точно пред осум месеци, слично како и Фросина, брат ми Амар излезе од дома, во неговата секојдневна рутина. Една недела по неговата веридба, во 23 часот и 26 минути, беше убиен. Инспекторите велат дека неговата смрт е „колатерална штета“ – се нашол на погрешно место, во погрешно време. А тоа „погрешно место“ беше само неколку чекори од вратата на нашиот дом, каде што се најдовме и ние, неговото семејство, само неколку минути подоцна, кога започна најголемата болка што сме ја доживеале и која доживотно ќе не следи.
Слично како и на Фросина, безправедно му беше одземен животот на Амар. Амар, исто како Фросина, без никаква причина, беше убиен од монструм создаден од системот. Непознат монструм, кој сè уште слободно се шета некаде низ градов или низ светот. Монструм создаден во “идеалните” околности: место каде што преовладува селективната правда и колективната апатија.
Милениците на системот ни ги убиваат децата! уште колку животи треба да згаснат за да се засити гладта на државата која е претворена во Сатурн кој ги јаде своите деца?