Почина проф. д-р Сузана Симоновска, универитетска професорка од Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Филозофскиот факултет на својата фејсбук страница се прости од својата колешка, ценетата професорка Сузана Симоновска.
Со длабока тага се простуваме од проф. д-р Сузана Симоновска, истакната професорка и инспиративна личност.
Капела утре од 10:30 до 11:30 на гробиштата Бутел.
Проф. д-р Сузана Симоновска остави значаен белег во академската заедница и во полето на родовите студии, филозофијата на техниката, етиката и културната антропологија.
Со својот долгогодишен ангажман како професорка, истражувачка и активистка, таа придонесе кон развојот на критичката мисла, родовата еднаквост и општествените науки во Македонија.
Нејзиниот придонес во формирањето и развојот на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, како и нејзината работа на национални стратегии и акциски планови за родова еднаквост, ќе останат како значајни достигнувања. Како членка на управниот одбор на ХЕРА, таа активно учествуваше во креирањето на политики за подобрување на родовата перспектива во општеството.
Професорката Симоновска беше инспирација за многу студенти и колеги, а нејзиното академско наследство и трудовите што ги остави зад себе ќе продолжат да бидат значајни за идните генерации.
Нека почива во мир.
Проф. д-р Сузана Симоновска е родена на 18.06.1963 година во Скопје. Дипломирала (1987) и магистрирала (1994) на Институтот за филозофија, при Филозофскиот факултет во Скопје. Докторската дисертација под наслов „Техничките можности и духот” ја одбранила во јули 2002 година на Филозфскиот факултет во Скопје, и се стекнала со научниот степен доктор по филозофски науки.
Во февруари 1988 година се врабутува како помлада асистентка на Филозфскиот факултет во Скопје, при тогашниот Институт за марксизам. Во 1995 година е избрана во звањето асистент по предметите филозофија на техниката и антропологија на Катедрата за хуманистички студии. Во 2003 година е избрана во наставното звање доцент по истите предмети. Во наставното звање вонреден професор е избрана во декември 2007, за научните области (дисциплини): филозофија на техниката, културна антропологија, етика и социјална антропологија. Од 2008 година проф. д-р Сузана Симоновска изведува настава и на новиот Институт за родови студии, отворен при Филозофскиот факултет во Скопје, и е една од учесниците во проектот за неговото основање. Од октомври 2012 година е редовна професорка на Институтот за родови студии, а во 2017 година е реизбрана во звањето редовен професор за научните области (дисциплини): историја на родот и полот, етика, социјална и културна антропологија.
Посетува повеќе обуки и работилници, учествува во национални и меѓународни научни проекти, и зема активно учество на национални и меѓународни научно-стручни собири и јавни трибини. Се јавува како рецензентка на повеќе трудови, книги, универзитетски учебници и учебници во основното образование. Ангажирана е и како експертка за спроведување на родова анализа на учебници во основното образование. Учествува во консултативниот процес на подготовка на Национален акциски план за Отворено владино партнерство (2016-2018), и во изработката на Стратегијата за родова еднаквост на град Скопје и Акциски план (2016-2021).
Раководителка е на Институтот за родови студии (од 2017 година); членка на факултетски комисии; членка на управниот одбор на ХЕРА; членка на Филозофското друштво на Македонија; членка на Совет на експерти на Центарот за биоетика на Филозофскиот факултет во Скопје.