Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски на својот Фејсбук профил соопшти дека е потпишан договор со Синдикатот кој овозможува покачување на платите на административните службеници од општина Бутел за 3000 денари.
„Уште со јануарската плата вработените ќе добијат покачување од 3.000 денари. Со овие мерки правиме напори за подобрување на условите за работа на администрацијата. Очекувам и натаму ефикасно и ефективно да ја извршуваат својата работа, исклучиво во насока на интересите на граѓаните.
Успешна општина значи задоволни граѓани кои добиваат брза и ефикасна услуга, а тоа е возможно само ако имаме задоволни и мотивирани вработени“, напиша Костовски.
Пред неколку дена и градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски потпиша договор со Синдикатот, со кој се овозможува покачување на платите на административните службеници од општина Кисела Вода.
Почнувајќи од февруари, тие ќе добијат покачување од 3.000 денари од Општината, додека со предвиденото покачување на минималната плата од Владата, вкупното зголемување на мартовските плати, ќе изнесува околу 5.000 денари.
– Во последните три години, Општина Кисела Вода бележи видлив напредок во сите области на своето работење. Овие резултати, меѓу другото, се должат на посветеноста и професионализмот на нашите административни службеници. Успешна општина значи задоволни граѓани кои добиваат брза и ефикасна услуга, а тоа е невозможно без мотивирана и вредна администрација.
Со ова покачување на платите, сакаме да покажеме дека нивниот труд е ценет и дека ќе продолжиме да инвестираме во луѓето кои се основа на напредокот на општината – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.