Чешката пејачка Хелена Жетова, позната по својот уникатен глас, почина на 44-годишна возраст.
Се уште не се познати деталите за несреќата, но чешките медиуми јавуваат дека постои сомнеж за пад низ прозорецот. Хелена живеела недалеку од Рожнов под Радхоштје, каде што наводно се случила трагедијата.
Менаџерката на Хелена, Јана Бокова, ја потврди трагедијата, но не можеше да даде повеќе информации.
– Нешто се случило, имате точни информации, но во моментов не знаеме ништо повеќе – рече Бокова.
Портпаролот на полицијата Петр Јарош потврди дека е добиена пријава за смртта на жената, но додаде дека истражните постапки се само на почеток и дека во моментов не може да се дадат повеќе информации.
– Можам да потврдам дека утрово добивме дојава за смрт на 44-годишна жена чие тело е пронајдено во куќа во Простредњи Бечва. Истрагата е уште на почеток – изјави за Блеск портпаролот на полицијата, Петр Јарош.
Брзата помош излегла на лице место, но можеле само да констатираат смрт. Според очевидци, телото на Хелен го пронашол нејзиниот татко, кој веднаш ги известил властите.
– Ја нашол во 10 часот наутро под прозорецот на првиот кат. Лекарите можеле само да констатираат смрт. Ги чекаме резултатите од обдукцијата за да дознаеме повеќе – изјави за медиумите нејзиниот очув Лешко Семелка.
Хелена Жетова се прослави како дел од популарното женско трио Black Milk, основано во 2001 година. Групата ја доби наградата Чешки славеј за откритие на годината, но се распадна во 2005 година поради несогласувања меѓу членовите. Хелена потоа започна успешна соло кариера, објавувајќи го албумот Ready to Roll во 2005 година, за кој ја освои наградата „Скок на годината“ на доделувањето на Чешки славеј.
По успехот на сцената, таа се повлече од јавноста и на неколку години се пресели во Грција, каде што живееше со нејзиниот тогашен партнер. Таа неодамна се врати во Чешка и планираше големо враќање на музичката сцена. Живеела повлечено во влашкиот регион, каде поминувала време со своето куче, често возејќи го во количка.
Хелена отворено проговори за својата желба за семејство и голем број деца, но, за жал, тој сон не успеа да го оствари.