Колин Петерсен, кој беше првиот тапанар на групата „Би џис“, почина на 78-годишна возраст.
Тажната вест ја потврдија членовите на „Бест оф Би џис“, трибјут група која ги свири песните на „Би џис“.
„Со тешко срце ја објавуваме смртта на нашиот драг пријател Колин Смајли Петерсен. Тој ги збогати нашите животи и ја исполни нашата група со љубов, грижа и почит. Не сме сигурни како ќе продолжиме без неговата светла насмевка и пријателство“, напишаа тие на Фејсбук.
Петерсен свиреше на албумите на „Bee Gees 1st“, „Horizontal“, „Idea“, „Odessa“ и „Cucumber Castle“. Тој, исто така, беше соавтор на некои од најголемите хитови на групата.
Петерсен се занимавал со глума како момче. Имаше улога во австралискиот филм „Смешко“ („Smiley“), што подоцна му го донесе прекарот Смајли, кој го следеше во текот на неговиот живот.
Во 1968 година, Петерсен се ожени со Џоан Њуфилд, лична асистентка на менаџерот на „Битлси“, Брајан Епштајн. Тие имаат два сина, Џејми и Бен.