Загинатиот Македонец во Нови Сад беше професор и иноватор: Кобниот петок тргнал да си оди за Македонија да ги посети сопругата и двете деца
Од страна на Министерството за надворешни работи на Србија, македонската амбасада во Белград доцна синоќа беше информирана дека на 1 ноември, во Нови Сад, при пад на настрешница, животот го загубил В.С., роден 1979 година, државјанин на Република Македонија.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку македонската амбасада во Белград, останува во директна и редовна комуникација со српските власти во врска со конкретниот случај и за сите дополнителни информации јавноста ќе биде навремено информирана, стои во соопштението на МНР.
Станува збор за иноваторот и научник. Васко Саздовски (45),кој потекнува од Свети Николе, а по професија бил иноватор научник.
Македонија не го препознала неговото знаење, па затоа заминал во Нови Сад да работи како професор во Институт за роботика и повремено доагал во Македонија. Бидејќи бил иноватор, Васко најблиските го викале „Васко научникот“, објави Тв Стар.
Oвој 45-годишен научник работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврди веста за „Политика“
– Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера, изјави Црнојевиќ за весникот.
Колегите на Саздовски се собраа во Институтот „Биосенс“ утрото по трагедијата. Според нивните зборови, Васко работел таму нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го поминувал дома во Македонија, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На пат тргнал и кобниот петок, 1 ноември.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави во саботата дека се идентификувани 13 лица кои загинаа во вчерашната несреќа на железничката станица во Нови Сад и дека уште едно лице не е идентификувано.
„Обвинителството и полицијата идентификуваа 13 лица. Загинати се и две внуки, родени 2014 и 2018 година и дедо од Ковил… Имате фудбалски клуб кој денеска објави дека загинато е момче и девојка, фудбалер роден 2003 година и неговата девојка 2004 година, исто така дете родено во 2007 година и едно во 2008 година“, изјави Дачиќ за ТВ Прва кој во петокот набрзо по трагедијата дојде на местото на несреќата.
Додаде дека три лица се пренесени во Ургентниот центар во Нови Сад и дека едно лице е веднаш извлечено, додека за две лица имало тешка борба која траела со часови.
„Едната девојка е родена во 2001 година, другата е родена во 2008 година, а на момчето, родено во 2006 година му е ампутирана ногата, додаде Дачиќ.
Прво, додава тој, во акцијата за спасување била прегледана снимката.
„Се проценуваше, рекоа дека 17 луѓе се под таа настрешница, според камерата што беше таму. Преживеаја три лица. Друга идентификација немаме. Почина и граѓанин на Македонија, го известив мојот колега министер синоќа“, кажа тој.
Според министерот, „прогнозите биле песимистички од самиот почеток, имајќи ја предвид тежината на изградбата и сериозноста на настанот“.
„Спасувачите можеа да констатираат само смрт, само три лица се повредени, сите други се мртви на самото место. На еден млад човек му беше ампутирана ногата, докторот ни кажа дека такви повреди не видел од војната, а проценки се дека тежината на тие бетонски блокови е околу сто тони. Повредите биле такви што смртта најчесто настапувала на самото место“, рече српскиот министер за внатрешни работи.
Дачиќ изјави дека уште во текот на денешниот ден ќе бидат сослушани дваесетина лица, „почнувајќи од врвот“.