Пол Ди’Ано, поранешен пејач на хеви метал бендот „Ајрон Мејден“, почина на 67-годишна возраст, во својот дом во Солсбери. Веста за неговата смрт ја потврди неговата издавачка куќа „Conquest Music“.
– Во име на неговото семејство, „Conquest Music“ со тага ја потврдува смртта на Пол Ендрјус, професионално познат како Пол Ди’Ано – се вели во соопштението на издавачката куќа.
Ди’Ано е роден во Источен Лондон на 17 мај 1958 година. Во последните неколку години, тој живееше во Хрватска, каде што се лекуваше и имаше настапи. Живееше во старечкиот дом „Медисал“ и се шегуваше дека е најмладиот старец таму. Секојдневно одеше на физикална терапија и лимфна дренажа.
Откако доби сепса во Аргентина во 2015 година, неговата здравствена состојба се влоши. Тој помина осум месеци во болница во Англија, каде двапати се зарази со инфекција предизвикана од еден вид стафилококна бактерија (MRSA). Според него, лекарите во Загреб подоцна пронашле докази дека, по грешка, му бил оставен хируршки инструмент во телото во тамошната болница – тие пронашле спојувач во ногата што бил ставен таму за време на операцијата, која била направена четири години претходно.
„И покрај сериозните здравствени проблеми во текот на последните години, поради кои беше во инвалидска количка, Пол продолжи да ги забавува своите обожаватели ширум светот. Неговиот прв ретроспективен албум ‘The Book of the Beast’ беше издаден во септември 2024 година и ја содржи неговата најдобра работа откако го напушти бендот“, се вели во изјавата на издавачката куќа „Конкуест мјузик“.
Од 1979 година, Пол Ди’Ано има издадено огромен број албуми со „Ајрон Мејден“, Battlezoen, Killers, Gogmagog и како соло изведувач и свирел илјадници концерти низ целиот свет. Неговата кариера ненадејно беше прекината пред 11 години поради низа здравствени проблеми кои го оставија во инвалидска количка. Благодарение на бројните фанови, Пол не беше заборавен; собрале пари за негово лекување и рехабилитација, а го оперирале врвни лекари од Хрватска.
– Ме спасија хрватските лекари, вашите стручњаци се едни од најдобрите. Ме кренаа на нозе, откако во Англија ми кажаа дека нема начин да ме спасат и дека веројатно никогаш повеќе нема да одам. Благодарение на вашите стручњаци, ја вратив вербата во закрепнување и враќање на сцената – изјави тогаш за „24 часа.хр“.
Ди’Ано последен пат настапи во Загреб минатиот октомври, за да им се заблагодари на сите Хрвати кои му помогнаа на патот кон закрепнувањето.