„ИМАМЕ ДРУГИ ИНФОРМАЦИИ“ Прво огласување од стоматолошката ординација каде тинејџерка (16) го лекувала забот, па починала
Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево и министерството за здравство на Кантонот Сараево се огласија по смртта на 16-годишната девојка која починала пред пет дена по компликации настанати поради вадење заб, пишува Кликс.
Наведуваат дека менаџментот на болницата и министерството побарале внатрешна стручна истрага над лекувањето на пациентката за да се утврдат сите факти и текот на лекувањето.
Извршена е обдукцијата која ќе ја покаже точната причина за смртта на девојката, а Кликс неофицијално пишува дека причината е сепса.
Според првичните информации, 16-годишната девојка била на стоматолошки зафат во приватна ординација, а потоа состојбата нагло ѝ се влошила.
Потоа била хоспитализирана во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде и починала.
Пред малку се огласија и од приватната стоматолошка ординација каде имаше интервенција починатото девојче. Нивниот одговор го пренесуваме во целост:
„На социјалните мрежи и на другите медиуми во различни објави и коментари поврзани со смртта на шеснаесетгодишно девојче се објавуваат целосно непроверени и невистинити информации кои се обидуваат да се поврзат со нашата работа.
Го изразуваме нашето длабоко жалење за трагичната загуба на една млада пациентка и ја користиме оваа прилика да испратиме искрено сочувство до нејзините родители и роднини.
За волја на вистината, сакаме да појасниме дека на 30.09.2024 година, пациентката поради забоболка ја посети нашата ординација, каде и беше овозможена потребната стоматолошка услуга. Според нашите сознанија, пациентката следниот ден продолжила со лекување во други здравствени установи.
Апсолутно не се точни тврдењата кои се појавуваат во јавноста дека вадела заб во нашата ординација. Обезбедениот медицински третман беше целосно во согласност со валидните медицински процедури во вакви случаи.
Оваа состојба длабоко не погоди и ја истакнуваме нашата целосна подготвеност и посветеност да соработуваме со надлежните органи, се со цел да се утврди вистината за овој случај и нашата стоматолошка ординација. Очекуваме целосно да се истражи случајот, односно целокупниот тек на лекување и целокупната здравствена состојба на пациентот“, изјави д-р Мекиќ од стоматолошката ординација Харис“.
Обвинителството на Кантон Сараево е информирано за случајот и започната е истрага. Обдукцијата е извршена, но резултатите сè уште не се објавени.