Специјалност ми се „Мрсулави јајца а ла Игор“, порачајте ги кога ќе одите во Дојран – препорака од Џамбазов
Би одбрал вечера наместо ручек, италијанска кујна, Италијанка спроти мене, и уживаме во храната и во Павароти...
Времето поминато со него е секогаш и повеќе од забавно. Тој е човекот што „го бива за се“. Но дали со нашиот разговор конечно шоуменот Игор Џамбазов јавно призна за што не го бива?!
Во нашата рубрика ПОЗНАТИТЕ ВО КУЈНАТА , Џамбазов си ја соголи душата и призна дека „врска нема од готвење“ :) Но, тоа не значи дека не сака и дека не се труди, ма човекот дава се од себе, но кога не оди работата што да прави, и за тоа треба талент, како што ќе рече Џамбазов.
Дали сте чуле за рецептот „Мрсулави јајца а ла Игор“? Игор вели дека е негов совршен изум за подготовка на јајца, бидејќи подготовката на јајца на различни начини му оди добро. Рецептот го „подарил“ во сите ресторани во Дојран, па топло ни препорачува кога ќе одиме да го побараме. Дали е ова вистина или не ни останува да нарачаме и да видиме дали ќе ни донесат.
И ова е само сегмент од ултра забавното интервју што го направивме со незаменливиот, неповторлив и единствен, дами и господооооооо…..Игор Џамбазов!
Дали сакате да готвите?
Сакам, ама не умеам…и за тоа треба талент. И не дека не сум пробал да научам. И се уште пробувам. Официјално, јас сум самец, па и да не сакам, ќе мора да научам. Сум се фатил себе си дека во последно време ги загледувам кулинарските шоуа. Домашни, странски, добри, лоши. И ги гледам од почетокот до крајот. И кога ќе се обидам да го направам истото во својата кујна, сфаќам дека тоа не е ни од далеку тоа што го гледав на телевизија. И пак ќе кажам..за се треба талент.
Што најдобро знаете да зготвите? Дали сте брзи или бавни во кујната?
Знам да зготвам јуфки…хехехе…побрзо од тоа-здравје. За жал, освен тестенини (шпагети, макарони, њоки) друго не знам да направам. И јајца.
Знам да си направам триста глупости со јајца и се она што ќе се најде во фрижидерот.
Специјалност ми се „Мрсулави јајца а ла Игор“, Тоа ви е кајгана,која ја тргнувате од шпоретот, една минута пред вообичаеното време, Кога ќе дојдете во Дојран, порачајте ги. Им го подарив рецептот на сите ресторани…хехехе…
Кој е најкомплицираниот рецепт што знаете да го направите?
Се уште не е измислен таков…хехехе….но ако веќе морам да ви откривам, ќе кажам. Рецептот го видов на телевизија, го презентираше една тетка од Велес.
РЕЦЕПТ ОД ИГОР ( ОД ТЕТКАТА ОД ВЕЛЕС)
Во тава ставате овчо кисело млеко, ќе наредите и неколку пилешки копанчиња, и го ставате во рерна на 180 степени. После половина час ја вадите тавата и рендате кашкавал одозгора, па ја враќате на допечување уште 5, 6 минути, и на крајот…прсите да ги излижеш…
Кое ви е омилено јадење?
Мусака. На сите начини. И да биде што побогата. Старите викале „Мусака маст сака“…
Што преферирате повеќе благо или солено?
Мислам дека мојата фигура кажува се. Благо, се разбира. Чизкејк, трилече, раванија, палачинки со нутела. Но во последно време вистинско откритие ми се колачите во „Вега“ кои топло ви ги препорачувам…нели…здрави колачи…кога веќе јадам благо, нека е здраво.
Има ли нешто што не јадете?
Не јадам три работи: Риба, боранија, и печурки.
Рибата не ја јадам поради мирисот. Не знам зошто, ама не ми е по ќеф.. Пред две години прв пат пробав Лосос. И останав без зборови, колку е тоа навистина вкусно. Ама еве, иако живеам во Дојран, рибата се уште не ми е во менито.
Втората работа која не само што не ја јадам, туку и не ја поднесувам е борнијата. Уште од дете. И сметам дека имам многу истомисленици.
И на крајот се печурките. Можам да ги поднесам шампишонките кои ги ставаат во пиците и салатите, но оние другите не. А и страв ми е по малку…хехехе…
Кое е најубавото нешто што сте го пробале од храна?
Тоа јадење се вика „Елбасан тава“, и мајка ми е Анче беше специјалист за ова чудо . Тоа ви е симфонија од мириси и вкусови, станот мирисаше на неа едно два дена. Но за жал после Анче, никој не успеа да ми го направи…..
Дали во Македонија има добра храна?
Еххх…прашањето е…дали на светот воопшто постои подобра храна од нашата? Тоа ми го докажале и многумина мои пријатели од странство кои доаѓале на гости и навистина искрено и се воодушевувалена нашата кујна.
Што им препорачувате да пробаат на гостите од странство?
Најубавото македонско јадење без конкуренција се „Полнетите пиперки“. Еве сега додека разговараме, ми потекоа лиги. Големи, црвени ајварки-пиперки полнети со мелено месо или ориз (кој како сака), и уште еден куп мирудии во тенџерето или тавата.
Дали знаете да се опуштите со нездрава храна? Што јадете од „забранетото“?
Хахахахаха…па ние друго и не јадеме. Тоа е навистина проблем не само кај нас, туку и во светот. Веќе постојат таканаречени „дебели нации“. Нема да ги именувам, ама сите ги знаеме. И ние Македонците одиме натаму. Овој турбулентен живот кој не вози триста на час, нема време за губење по кујните. Порачуваш хамбургер, чизбургер, гиро, бурек, симит погача, пица, и ги добиваш за неколку минути. Вкусно е, ама тотално нездраво.
Што преферирате повеќе овошје или зеленчук?
И двете нешта. Зеленчукот го сакам и како салата и фрлен на масло. Ама овошјето го сакам малку повеќе. Понекогаш бананите, праските, кајсиите ми се единственото нешто што го јадам во денот. А и добра замена за благото кое мене лично навистина ми е проблем, и скоро сум зависен од него. „Ракија оставив, благо не оставам!“
Има ли нешто што никогаш не сте го пробале од храна, а сакате да го пробате?
Сакам да пробам „боршч“.
Тоа е еден вид на руска супа, или чорба кромид, црвена зелка, морков, компир, цвекло и брашно. Велат дека му дава снага на организмот, и дека руската војска низ историјата им го давала на војниците…
Кој ви е омилен пијалок?
Вода. Веќе шест години. Во отсуство на алкохолот, ми остана само таа. Кралицата на течностите. Кој ја измисли, нобелова награда да му се даде веднаш…хехехе…
Доколку консумирате алкохол, кој го преферирте?
Штокот. И не го „прферирав“, туку бев вљубен во него. Но тоа беше кобна љубов, а тие секогаш имаат неславен крај.Оние што ги читале моите книги добро знаат дека штокот го нарекувам: „Мојата омилена пијачка на последната буква“.
Што би одбрале ручек со пикник, ручек во елитен ресторан или нешто трето?
Тоа третото секогаш ме привлекувало…хехехе…би одбрал вечера наместо ручек, италијанска кујна, италијанка спроти мене, и уживаме во храната и во Павароти…