Нова измама се шири во Македонија, ова никако не смеете да го направите

Македонска пошта преку соопштение ги известува граѓаните дека повторно се злоупотребува името на Пошта, овојпат преку социјалната мрежа Facebook.
Се работи за измамничка кампања која го користи логото на Пошта, а зад тоа стои лажна веб страница која испраќа пораки.
„Сакаме да ги известиме нашите корисници дека Пошта на Северна Македонија не стои зад овие објави во кои се нудат специјални кутии со различни производи за само 123 ден.
Ги молиме граѓаните да бидат крајно внимателни каде ги оставаат своите лични податоци, бидејќи АД „Пошта на Северна Македонија “ не испраќа електронски пораки до своите корисници, ниту пак ваква кампања постои на нашата официјална веб страница“, велат од Пошта.
Потсетуваме дека секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува ласична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност.
„Единствено и официјално известување за достава на вашите пратки, понуди или услуги може да го прочитате на официјалната веб страница www.posta.com.mk.
Ви благодариме што го пријавувате секој неовластен обид за злоупотреба на Пошта“, додаваат од Пошта.
Ова е втор обид за измама во кој се користи државната компанија откако на почетокот на 2024 година лажна страница на Пошта бараше од примачот да плати царинска такса за пристигнат пакет.
На 5 јануари , АД Пошта јавно предупреди за „лажни информации и злоупотреба на името на Пошта на Северна Македонија“ укажувајќи дека „граѓаните добиваат пораки на телефон со невистинита содржина“.
Одредена група на граѓани добија лажни СМС пораки, а некои од нив станаа жртви откако дале банкарски податоци на лажната страница, по што од нивните сметки биле вршени исплати по неколку стотици евра.
И МВР преку медиумите информираше дека презема мерки за расчистување на случајот, апелирајќи до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами и никако да не ги испраќаат своите лични податоци преку интернет.
Од АД Пошта велат дека граѓаните треба да ги следат информациите само на официјалната веб-страница www.posta.com.mk и да знаат дека единствено и официјално известување за достава на пратки од странство вршат само поштарите, не се добива известување преку СМС пораки.
Изминативе години стотици македонски граѓани наседуваа на лажни страници и лажни наградни игри на социјалните мрежи надевајќи се дека ќе добијат нови автомобили и патувања во странство.