Македонијо, спремајте се за танц: Како Ви се допаѓа евровизиската You на Васил?
Модерна поп-тема со етно примеси, лесно влегува во уши, има заразен рефрен и дефинитивно ве тера да танцувате. Ова се првичните реакции по промоцијата на еворовизиската песна You со која Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на годинашниот „Евросонг“ во Ротердам.
„Македонијо, спремајте се да танцуваме“, порача Васил вечерва во централниот Дневник на МРТ. Тој откри дека спотот е концептуален кој пренесува интересна порака.
– За мене оваа прекрасна песна е покана да танцуваме, покана да се конектираме и да го славиме сегашниот миг. Знаеме и сме сведоци дека не живееме баш во најидеално време, но за мене сѐ зависи од нас. Нашата конекција, нашиот прв чекор кој ќе биде инспирација за тој од другата страна – вели Гарванлиев.
Музиката на нашата јубилејна 20-та евровизиска песна е дело на Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Таа ги потпиша и стиховите заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од Беркли Алис Шредер. За продукцијата и аранжманот освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски. Спотот го режираше Милена Витман, а за фотографијата и за монтажата се погрижи Ѓорѓи Вацев. Продуцент на видеото е Јелмаз Дервиши.
Васил порасна пред камерите. Првиот хит го имаше на само седумгодишна возраст, детскиот евергрин „Марионка“. На 12 години со семејството се пресели во САД каде стана дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Во неговата биографија стои дека образованието по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот.
Во 2018та година, Васил одлучи да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени. Неговото враќање во Македонија е одбележано со песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата Улица“, надополнети со извонредниот акустичен концерт во живо со сплет на македонски евергрини (Дом. Патување. Љубов.) како и голем солистички концерт насловен „Мојата Улица“ во Струмица.