![](/wp-content/uploads/2024/04/crkva-pixa21-780x470.jpg)
Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот наш Господ Исус Христос: Неговите страдања, смртта и погребението.
Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа. Свети Јован Златоуст вели: „Во таа седмица е пресудена древната тиранија на ѓаволот, победена е смртта, врзан е силниот (ѓаволот) и уништено неговото оружје, искупен е гревот, симната е клетвата и рајот е отворен. Тогаш небото престанало да биде недостапно. Луѓето се зближиле со ангелите. Оттргната е преградата што ги разделувала луѓето од Бога. Границите се избришани. Бог на мирот ги измирил небесното и земното“.
Според сведочењето на светите отци (особено свети Јован Златоуст, IV век), христијаните во првите векови ги зголемувале своите молитви и постот во текот на Страдалната седмица. Во овие денови го подражавале Господа Исуса Христа, особено во љубовта кон човекот.
![](/wp-content/uploads/2024/02/pexels-anna-shvets-6663912.jpg)
Така, во Страдалната седмица тие се обидувале да бидат подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи кон своите ближни, правејќи дела на љубовта и милосрдието. Во тие дни се сметало за недолично да се оди на суд и да се обвинува или да се осудува, па затоа, во текот на Страдалната седмица луѓето ги прекинувале сите тужби, сите судски парници, обвиненија, спорови и казни. Во овој празничен период се практикувало дури и да ослободат некого од вратите на затворот, којшто не бил голем престапник.
Деновите на Страдалната седмица Господ Исус Христос ги поминал во Ерусалим и во храмот. Таму секој ден го поучувал народот. Затоа, според Неговиот пример, и православните христијани овие денови ги минуваат во храмовите. Тие се таму и наутро и навечер, и по цел ден, молитвено размислувајќи за евангелската историја на Богочовекот и Спасителот наш Господ Исус Христос и за Неговото служење на човечкиот род.
Во текот на Страдалната седмица ни се претставува централната библиска содржина. Гледаме дека целата Библија е христоцентрична. Нејзината главна личност е Господ Исус Христос, а главно дејство: спасението на човечкиот род.
Во овие дни, зближени се настаните од Стариот и од Новиот завет. Сè што е пророкувано и претскажано во Стариот завет и сè што е забележено во Новиот завет ни е на очиглед во настаните од Страдалната седмица. Сè е збрано во она што се случило во последните денови и часови од земниот живот на Господа Исуса Христа. Тоа сето го сконцентирала светата Црква и го претставува во една преубава и величествена форма, низ прекрасните богослужби во оваа седмица.
Богослуженијата се обилно збогатени и украсени со мудро избрани текстови од Библијата. Овие денови на богослужбите се читаат содржини од пророчките книги, од Евангелието и од Апостолот. Сето тоа е велелепно проследено со длабоки, содржајни молитви и песнопенија. Тие се и слаткопејни и оплакувачки, и покајни и животорадосни, страдални и воскресенски.
Велики Понеделник е првиот ден од Страстната Седмица. Според источното христијанство тој е трет ден од Страсната Седмица, односно ден по Лазаровата Сабота и Цветници. А според западното христијанство тој е втор ден од страсната седмица, односно ден по Цветници.
Во него, Црквата се потсетува на последните денови на Христос во Ерусалим, неговото влегување во Храмот и растерувањето на трговците од него, оти тоа е место за молитва, а не пазар. Христос на Своите ученици во повеќе наврати им зборува за Своето страдење кое Му претстои, како и крајот на времињата и Страшниот Суд. На Велики Понеделник Црквата говори и за Неговата беседа во Храмот, за злобните лозари, како и проколнувањето на бесплодната смоква, која го претставува јудејскиот собор, во кој Исус Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот, но и човечката душа која не ја познава молитвата, покајанието, и која не носи духовни плодови
На овој ден, Црквата го споменува и старозаветниот патријарх, целомудрениот Јосиф Прекрасен, кој поради зависта на своите браќа бива продаден во Египет; на тој начин, овој старозаветен патријарх е праобраз на безгрешното страдание на Бога. Христос, како и Јосиф, станува жртва на зависта на Неговите браќа по крв и вера, и на ист начин е предаден и продаден. На крај, Јосиф завладејува со Египет, и ги храни своите браќа со леб, исто како што и Христос седнува на Својот Престол на мирот и го храни човештвото со небесниот Леб – со Своето Тело и Својата Крв.
Православната црква и верниците утре го одбележуваат Велики вторник, вториот ден од Страсната седмица, односно неделата на страдање.
Верниците овој ден го поминуваат во мир и молитви, бидејќи на овој ден не треба да се пее, игра и ништо не се прославува.
Денот се минува дома, мирно и во читање молитви, во исчекување на најголемиот христијански празник Велигден, кој сведочи за планот на Бог за спасување на човечкиот род.
Утрешниот ден е ден на строг пост, се зема само малку вода или кафе. Верниците се трудат оброкот да биде што пооскуден и поедноставен.