Реклама
Блог

Заев парите од клевета ќе ги донира за хуманитарни цели! Сега на ред е Груевски!

Реклама

Претходната недела објавивме еден текст во кој јавно побаравме од господинот Заев да биде доблесен и хуман и средствата што ќе ги добие како отштета за клевета да ги донира на една самохрана мајка со две деца на кои ЕВН им ја исклучи струјата поради неплатените сметки (текстот можете да го видите тука).

Неколку дена по објавувањето на текстот, следуваше прес конференција на СДСМ на која господинот Заев изјави дека средствата што ќе ги добие од отштетата ќе бидат донирани за хуманитарни цели (прес конференцијата можете да ја видите тука). И тоа е во ред, како што е во ред и помошта што семејството Корчови ја доби благодарение на организираната хуманитарна акција за нив, и пред се благодарение на неколкуте несебични волонтери кои херојски се бореа да обезбедат средства за сметките за струја, но и за се друго што му е потребно на ова семејство.

Маркетинг

Па така, според она што можевме да го дознаеме од нашиот краток разговор со еден од организаторите на хуманитарна акција за помош на семејството Корчови, благодарение на донациите од граѓаните и од бизнис секторот во Штип, тие успеале да ги обезбедат сите неопходни работи за достоен живот на напатеното семејство. Покрај тоа, овие хуманитарци на мајката на малолетните Тијана и Станка успеале да ѝ најдат и работа, со што се затвора најгорливото прашање во врска со понатамошната егзистенција на семејството. И ова не е сè. Тие нашле и градежна фирма која се согласила да ја поправи нивната трошна куќа која е на работ на распаѓање!

Маркетинг

Па зарем ова не заслужува аплауз. Браво за овие волонтери и за сите хумани граѓани кои учествуваа во оваа акција на градот под Исарот.

Само да напоменеме дека овде не станува збор за луѓе од социјалната служба или некоја државна институција, туку за најобични граѓани – волонтери кои самоиницијативно решиле да се организираат и да му помогнат на ова семејство.

{youtube}u01UEv8_di8{/youtube}

Е сега да се навратиме на нашиот текст кој беше упатен до господинот Заев, но и до сите други политичари, и кој носеше и една друга порака што се однесува до ситуацијата на сите сиромашни семејства во државата. Имено во текстот покренавме иницијатива опозицијата во својата нова програма да внесе и предлог закон за обезбедување на одредена количина на бесплатна струја за социјално загрозените семејства (не субвенции за одреден број семејства, туку како што веќе рековме, одредени количество на бесплатна струја, но за СИТЕ социјално загрозени категории!). Бидејќи станува збор за иницијатива која навистина сметаме дека треба што поскоро да се претвори во законско решение, ќе си дадеме за право овде да повториме на што конкретно мислиме.

За почеток, да споменеме во Македонија од 2010 година постои закон за доделување субвенции за енергетска сиромаштија, односно за семејства кои влегуваат во категоријата на социјално загрозени, но тоа секако дека НЕ е доволно и законот под итно мора да претрпи измени и дополнувања. Или пак ќе треба да се подготви сосема нов закон, бидејќи како што можеме да забележиме од видеото во кое самохрана мајка моли за помош бидејќи нејзините деца немаат ниту струја ниту основни услови за живот (или пак старецот од следното видео кој живее сам и е социјален случај, а мора да плати казна од фрапантни 2.350 евра заради половина кубик дрва за огрев), повеќе од јасно е дека овие мерки не се доволни! Сега логично се наметнува прашањето како се делени субвенциите, кога една самохрана мајка со две малолетни дечиња останала без струја, така? Или пак овој старец без дрва за огрев? Владата на ВМРО ДПМНЕ донесе одлука за субвенции за енергетските сиромашни семејства во 2010 година (значи во предизборна година, пред предвремените парламентарни избори во 2011) и од октомври 2010 почна да им исплаќа на социјално загрозените семејства по 600 денари месечно субвенција од државата за потрошена електрична енергија (!). Тогаш со овој проект беа опфатени околу 58.000 социјално загрозени семејства, или со ребаланс на буџетот за оваа мерка беа предвидени околу 36 милиони денари месечно (или околу 600.000 илјади евра месечно).

{youtube}E1ZHxkaZxmY{/youtube}

Е сега, проблемот е во тоа што во јуни оваа година, владата и премиерот Груевски помпезно го најавија зголемувањето на субвенциите за социјално загрозените граѓани од 600 денари на 800 денари, притоа заборавајќи да споменат една многу важна работа, а тоа е дека овие парични трансфери ќе ги добијат само 10.000 семејства, односно од овој проект на владата за 2015 година ќе се одвојат само 81 милиони денари, што е драстично намалување во споредба со крајот на предизборната 2010 година кога за субвенции беа предвидени средства за 58.000 семејства. Или пак во споредба со 2011 година, кога за оваа намена беа предвидени околу 7 милиони евра за цела година. Споредено со 2010 кога беше донесен законот, кога на месечно ниво беа предвидени половина од средствата од износот за цела 2015, ова не е никакво покачување, туку намалување, особен ако имаме предвид дека од 2010 година па наваму процентот на домаќинствата кои можат адекватно да ги затоплат своите домовите процентуално се намалува (околу 58, 4 проценти во 2009 година, додека веќе во 2012 овој процент паѓа на 51, 6 %, што значи драстично намалување и тоа во периодот кога почна делењето на субвенциите, што е малку симптоматично нели?).

Доаѓаме до прашањето како се избираат 10.00 семејства кои ги добиваат овие субвенции (најверојатно како и за се друго, списоците се прават во партиските штабови, наместо во соодветните служби), и дали мерките од националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Македонија за 2010-2020, со кои се предвидува подмирување на основните режиски трошоци за еднородителски семејства кои остваруваат минимални приходи функционираат во пракса?

Како што можевме да видиме од случајот со семејството Корчови, тие очигледно не функционираат! Но, каде е проблемот и како да се реши истиот?

Еве на пример во Хрватска социјалдемократите предлагаат делење на ваучери за електрична енергија во вредност од 200 куни (околу 1500 денари) за социјално загрозените групи (но, за жал, повторно пред избори!). Во Србија пак, пред неколку години се донесе закон со кој најсиромашните граѓани се ослободени од плаќање и добиваат само одредено количество струја. Што се однесува до Европската унија, во согласност со нивните директиви, земјите кои сакаат да бидат дел од нејзиното семејство мораат точно да ја дефинираат енергетската сиромаштија, а ова во еден момент ќе треба да го направиме и ние како држава доколку сакаме да бидеме дел од Европа. Покрај ова, во европските држави јасно се дефинирани и мерките за помош со кои им се ублажуваат проблемите на семејствата кои влегуваат во ризичните групи, барем до одредена мера.

Па, доколку сакаме да градиме нормално општество, не смееме да заборавиме на социјално загрозените граѓани, како и на старите и болните, на кои секојдневно им се исклучува струјата и им доаѓаат тужители и извршители, впрочем како што е и случајот со семејството за кое граѓаните мораа самоиницијативно да се организираат и да помогнат. Големо браво за сите нив уште еднаш!

Но што правиме со другите? Оние невидливите за повеќето од нас?

Зарем не е крајно време да се обидеме некако да им го олесниме животот на најзагрозените семејства во државата, ако ништо друго тогаш барем во однос на обезбедување и плаќање на одредено количество електрична енергија?

Но, не поединечно, или пак само во изборни години…

Робин Худ Џуниор

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button