Реклама
Интервју

Интервју со Викторија и Магдалена од Преплет: Смејте се гласно, НЕ под мустаќ!

Реклама

Поразговаравме со дизајнерките Викторија Ланговска и Магдалена Дилевска кои стојат зад брендот и креативното студио Преплет.

Во нивната продавница можете да најдете најразновидни дизајнирани производи, како и модни додатоци за домот кои бликаат со креативна енергија и кои со сигурност ќе ви ги размрдаат позитивните мисли. Нивното студио изгледа автентично и уникатно, исполнето со преубави предмети од кои зрачат фразите испишани на македонски јазик, додека пред самото студио има голема табла на која секогаш стои некоја оптимистичка порака за убав ден.

Маркетинг

Покрај производите тие креираат и визуелни идентитети за свадби и други прослави, но се занимаваат и со продажба на големо и соработуваат и со значајни фирми во нашата земја. Нивното студио е отворено во 2013 година, а најново од студиото е каталогот за сезоната пролет-лето 2015 на кој соработуваа со фотографката Билјана Ќосева и со Јана Андоновска како модел.

Како всушност се роди идејата за создавање на брендот Преплет?

Маркетинг

Идејата се роди пред околу две години кога решивме сите наши идеи кои што подолго време ги собиравме, редевме и обмислувавме да ги ставиме на купче и да почнеме дел по дел да ги реализираме. Создадеме простор кој најмногу ќе одговара на нашиот стил и потреби, го исполнивме и уредивме со производите од кои зрачи целата наша љубов кон дизајнот и започнавме. Од тогаш непрекинато работиме во нашето студио, проширувајќи се во различни области како креирање визуелни идентитети за свадби и други прослави, но и во големопродажбата каде што постигнавме соработка со значајни фирми во нашата земја.

Кажете ни нешто повеќе за вас, вашето образование и досегашно искуство, и како сето тоа има влијание врз она што го работите денес?

Двете се запознавме за време на студентските денови на факултетот “Арт и Дизајн”. Иако бевме на различни насоки (Магдалена на графички дизајн, Викторија на дизајн на ентериер), нашите интереси не само што совршено се совпаднаа, туку и одлично се надополнија. Нашата работа воопшто не е поделена. Проектите ги обмислуваме и работиме заедно, едната го започнува, другата го довршува, константно бараме консултации една од друга и имаме огромно меѓусебно разбирање и доверба.

Неодамна излезе вашиот нов каталог за сезоната пролет-лето 2015 каде може да се види вашата нова колекција. Кажете ни подетално од што се состои колекцијата, кои се главните парчиња и водечката идеја во нејзината основа?

Приказната за овој каталог презентира топли инспиративни утра низ кои се преплетуваат нашите производи. Претставивме едно вообичаено секојдневие во које може да се пронајде секој од нас. Стануваме, пиеме кафе, појадуваме нешто вкусно и со позитивни мисли го започнуваме денот. Нашата цел е да докажеме дека дом исполнет со производите од Преплет претставува слика која секојдневно може да те инспирира. Колекцијата содржи предмети како шолји за кафе и чај, чинии, перничиња, платнени ранчиња, најразновидни постери, подметачи, беџови и уште многу други производи кои можат да ни ги разубават летните денови кои што следат.

Каталогот може да се види на нашата официјална веб страна и Фејсбук страна.

Која е последната работа што сте ја направиле и самите сте останале без зборови од неа? Нешто екстра кул?

Кога се работи за производи кои буквално од почетокот до крајот се свое дело, многу е тешко да се одвои едно нешто и да се посочи како омилено. Секоја колекција која што ја создаваме на 6 месеци е дело на кое што целосно му се препуштаме секој пат, одново и одново. Додека создаваме колекција 100% сме фокусирани само на неа и на процесот истата да се истурка до крај онака како што ние замислуваме. Бидејќи со секоја колекција се стремиме да постигнеме што подобар квалитет, поширок избор на производи и форми, со тоа секој пат се искачуваме едно ниво плус. Затоа може да се каже дека по излегувањето на нашите нови колекции се чувствуваме навистина исполнето и неизмерно среќни.

Вашите идеи преточени во производите што ги нудите се модерни и оригинални и пред се во склад со времето во кое живееме. Каде ја пронаоѓате вашата инспирација?

Инспирација црпиме од секојдневните убави моменти кои ни се случуваат и се обидуваме да извлечеме некоја креативна порака која подоцна ќе ги потсетува нив. Ние тргуваме од она што ние го чувствуваме во моментот и ја пренесуваме понесеноста од некоја одредена ситуација. Тоа е нешто кое што на секој од нас барем еднаш му се има случено и на тој начин сакаме да допреме што поблиску до сите луѓе кои ќе дојдат кај нас.

Вашата креативност е главната нишка проткаена во сето она што го правите. Како вашите производи се прифатени од домашните потрошувачи и дали планирате во иднина да настапите со вашиот бренди на некој друг пазар?

Можеме со гордост да кажеме дека нашите производи се одлично прифатени од домашните потрошувачи. Македонските пораки кои што ги аплицираме на секој производ одлично ја постигнаа целта за да може купувачот уште од самиот момент да се поврзе со него, па нашите производи константно се купуваат како за себе така и за подарување по најразлични поводи. Покрај она што го продаваме како наш дизајн и изработка исто така имаме и други проекти за кои што не ангажираат други индивидуалци или фирми. Секој проект ни е ново искуство, ново дизајнирање, па затоа никогаш не ни се здосадува работата и сме среќни додека го работиме. Она што би сакале да го направиме во поблиска иднина е да го прошириме тимот на дизајнери, а понатаму можеби и ќе се прошириме на некој друг пазар.

Како би ги опишале вашите производи на некој кој што ги нема видено досега? Што е нивната главна одлика, односно она по што се разликуваат од другите?

Преплет е многу искрен. Ние внимаваме на се она што не опкружува и што е најважно размислуваме на македонски. На нашите производи секогаш додаваме и по некоја креативна порака, затоа што покрај тоа што ние продаваме дизајнерско, уникатно и функционално парче, ние со пораката продаваме и амбиент, одредена ситуација која што секој на различен начин може да си ја замисли и доживее. Тоа е она што не’ разликува од другите.

Неодамна го претставивте новиот каталог за пролет-лето 2015, а пред тоа и интересно видео со кое го најавивте каталогот. Со кого соработувавте на овие проекти?

На овие проекти соработуваме секогаш со различни македонски креативци (фотографи, модели, режисери). Ја почитуваме и ја цениме работата на сите други креативци, па затоа секој проект ни носи нова соработка, ново пријателство и искуство. За последниот каталог соработувавме со фотографот Билјана Ќосева, моделот Јана Андоновска, а за промотивното видео се погрижија режисерот Марко Црногорски и дизајнерот Симон Стојановски.

Карактеристично е тоа што многу ваши производи се украсени со слогани на македонски јазик, за разлика од генералната тенденција во денешно време да се изразуваме на англиски, посебно ако сакаме да звучиме поинтересно. Нуди ли доволно простор за игра и креација нашиот стар добар македонски јазик?

Токму поради тоа што е наш, македонскиот јазик нуди многу повеќе простор за изразување отколку било кој друг јазик. Преку нашите пораки како што веќе кажавме ние презентираме ситуација, стил, но преку фразите кои што секојдневно несвесно ги користиме го презентираме и нашето општество, начин на живеење, функционирање, комуницирање и изразување.

Вашата продавница изгледа како една волшебна оаза преполна со најразлични оригинални предмети какодизајнирани шолји, торби, честитки, перничиња, подметачи, беџови… Дали можеби учествувавте во дизајнот на просторот?

Целото наше студио е наше дело. Просторот и излогот го менуваме често со цел да доловиме што поуникатен и афтентичен изглед кој на најдобар можен начин ќе ги презентира производите и амбиентот наречен Преплет. Покрај внатрешноста, пред студиото имаме поставено и голема табла на која секогаш стои некоја наша оптимистичка порака за убав ден.

Дали имате некое заедничко мото?

“Насмеј се гласно не под мустаќ”,беше една од првите наши пораки со кои го отворивме студиото, па еве можеме таа да ја издвоиме како порака која што шири оптимизам и го презентира стилот на Преплет.

 Повеќе за производите на Преплет, како и за тоа каде точно се наоѓа нивната продавница, прочитајте на следнава адреса »

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button