Реклама
Интервју

Пет прашања и пет фотографии со актерката Ангела Димитрова

Реклама

Ангела Димитрова е дел од младата генерација на наши исклучително талентирани актери.

Родена е во Битола , каде завршува основно музичко училиште, отсек виолина и средно гимназиско образование. Таа минатата година дипломираше на Факултетот за Драмски Уметности во класата на Златко Славенски. Често можеме да ја видиме низ нејзините остварувања на филмските платна, но и на даските што живот значат, а последно можеме да ја препознаеме и од новиот спот на бендот Pumperzz of the Fall- All about you.

Маркетинг

Она што е доста интересно за Ангела е фактот дека минатото лето беше дел од Интернационалната Летна програма на The Watermill Center во Њујорк, каде ја имаше честа да се запознае и работи со светски познатиот режисер Роберт Вилсон- нешто што многу малку македонски уметници може да го кажат за себе.

Денес со Ангела Димитрова позборувавме за нејзините актерски почетоци како и влијанието кое досегашните работни искуства го имале врз нејзиниот актерски процес.

Маркетинг

#1. Кажи ни малку за твоите почетоци со актерството?

Моите актерски почетоци започнаа со запишувањето на Факултетот за Драмски Уметности. Иако немав претходно актерско искуство, не се двоумев за изборот што го направив. Со самото запишувањето на ФДУ се појави една нова Ангела која не е така срамежлива, како што знаев да бидам во средношколските денови, една Ангела која што знае што сака и тоа го прави со многу верба и љубов. Константната верба и љубов ме изгради во она што сум денес.

#2. Од проектите на кои што си работела до сега, кој процес би го издвоила како најинспиративен или наједукативен?

Сите процеси ми се драги и со секој нов процес учам, созревам и откривам нови нешта за мене кои не сум ги знела до тогаш. Еден од по драгите процеси ми е воедно и последниот , претставата “Жени од подземјето” во режија на Андреј Цветановски. Таму ја играм улогата на Електра, која го убедува братот заедно да ја убијат нивната мајка.

Доста комплексен лик кој ме однесе во нова димензија, да се оттргнам од себе си за да дојдам до неа, да можам да ја сфатам нејзината причина и таа состојба која ја довела до тој степен да посегне по животот на својата мајка. Комплексноста на претставата го правеше самиот процес доста напорен, но младата екипа на актери и креативци со кои што работев, направија атмосферата на пробите да биде опуштена. Токму поради тоа се случија и многу комични елементи во претставата кои мене ми се омилени :).

#3. Лани беше дел од престижната летна програма на The Watermill Center. Што поточно опфаќаше таа програма?

Тhe Watermill Center е лабораторија за перформанс основана во 1992 година од светски познатиот визуелен и театарски режисер Роберт Вилсон. Центарот се наоѓа на полуостровот Лонг Ајленд во близина на Њујорк, каде секое лето се одржува интернационална летна програма на која аплицираат над 800-тина млади уметници од целиот свет.

Јас ја имав таа привилегија да бидам дел од таа летна програма заедно со уште 80-тина други уметници од светот. Програмата се состеше од 5 интензивни недели во кои имав чест да запознаам и остварам контакти со различни профили на уметници од целиот свет, со кои до ден денес контактираме и се консултираме.

Сите ние ја имавме можноста да се запознаеме со методите на работа на режисерот Вилсон, а програмата е направена на таков начин да преку секојдневните рутински обврски, конектирајќи се со природата, се спознаеме себе си, а воедно и да се запознаеме меѓусебно. Тој инспиративен круг на енергија кој се создаде меѓу нас, ни помогна креативно да се изразиме и создадеме различни уметнички дела. На крајот од втората недела се одржува таканаречена Гала Вечер на која се поканети врвни уметници на светско ниво. Таа Гала Вечер всушност претставува настан во кој се прикажани дела на познати светски автори, но и дел од она што го сработивме ние, како учесници. Наредните три недели по Гала Вечерта ,следуваа работилниците кои беа предводени од самиот Роберт Вилсон и од неговите долгогодишни соработници кои и до ден денес неуморно го придружуваат. Се соочив со еден, за мене нов принцип на работа кој навидум изгледаше лесен, но всушност беше многу комплексен и тежок за постигнување. Роберт ни покажа дека сите можеме да бидеме изведувачи, само ако знаеме како да стоиме на сцена. Неговите работилници беа предавања, вежби, медитации кои траеа со часови без ниеден изгубен момент. Сметам дека никогаш не е доволно да се слуша, а не пак и да се учи од таков генијалец каков што е Вилсон и јас сум навистина многу благодарна што токму мене тоа и ми се случи. 

Тhe Watermill Center е мојот втор факултет!

#4. Како тамошното искуство ти влијае на твојот процес на работа?

Искуството кое го добив додека бев таму не може да се искаже со зборови, бидејќи тоа е друг свет, сосема поразличено од нашиот овде, каде секоја идеја е препознаена и ценета. Свет каде уметникот има огромна слобода да се искаже и притоа да не е потценет или отфрлен од околината. Сите ние млади етузијасти, таму имавме можност да го правиме како што вели Роберт Вилсон – “она што никој друг не го прави ”. Една нова идеологија на животот која ме научи повеќе да ги ценам работите кои ги имам и истите да ги искористам. Фокусот со себе си да се поистовети со фокусот на сцената. Принципот на работа на Вилсон успеа длабоко да се вреже во мојата глава и ми помогна во процесите кои ми се случија откако се вратив.

Никогаш нема да го заборавам тоа место, како тој успеа да ме смири физички и умствено, ми помогна да се надоградам, а најважно од се, да знаам што значи да се биде уметник во секаква смисла на зборот.

#5. Ти следува период на интересни работилници- ќе бидеш дел од “Your Body is Your Statement” во Полска, како и од “Diversity is Super-City” во Нови Сад. За каков тип на работилници станува збор?

Првата работилница во Полска е всушност тренинг курс и се базира на работа со тело. Што нашето тело кажува за нас и како може да го истренираме нашето тело да го каже она што ние сакаме да го каже. Додека пак во Нови Сад ќе бидам дел од истражувачка резиденција на тема “Diversity is Super-City” каде фокусот ќе биде насочен на малцинствата во едно општество. Преку алатките од перформативните уметности ќе треба да создадеме едно дело кое ќе биде прикажано на крајот на резиденцијата, која ќе заврши со конференција. Во Полска и во Нови Сад одам заедно со мојот колега Бобан Кулески, кој е и “виновен” за моето учество на овие работилници.

Според мене, многу е важно земањето учество на различни семинари и работилници надвор од работата како актери, бидејќи на тие размени запознаваме различни профили на уметници со кои што разменуваме искуства и од кои многу учиме.

Текст и фотографија: Ерина Богоева
Штипка

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button