Интервју со фотографката која го има еден од најубавите Инстаграм профили во Македонија
Нејзиното име е Ерина Богоева и таа е една од оние креавитни девојки кои своите мисли и емоции најдобро ги изразува преку фотографија.
Ги сака портретите и автопортретите, но и модните фотографии, а нејзиниот Инстаграм профил (@poison_grl) дефинитивно е еден од оние кои морате да ги следите, особено ако ги сакате магичните фотографии на кои се препознаваат преубави кадри од нашите простори. Несомнено, таа го поседува вистинското око потребно за овој занает, а во однос на љубовта што е потребна за успех во секоја професија – кај Ерина дефинитивно има љубов кон фотографијата и на претек! За пикселите што значат живот, за гледање на реалноста низ објективот, за фотографијата денес и утре, зборуваме со Ерина, специјално за Штипка.
Не сакаме да звучи како клише, но сепак не можеме, а да не прашаме како започна твојата приказна со фотографијата. Има ли некоја конкретна причина или настан што те спои со фотоапаратот, или едноставно, твојата определба се заснова на голема желба да ги искажеш твоите емоции и да создадеш некое дело?
Уметноста секогаш ме привлекувала и во еден период во мојот живот фотографијата се наметна самата по себе како медиум низ кој лесно можев да се изразам.
Какви фотографии сакаш најмногу?
Најмногу сакам фотографија која кажува некоја приказна, која има некоја атмосфера што би разбудила емоции или интерес повеќе од само да се констатира дека е естетски убаво изведена. Тоа сепак не ме спречува да се радувам на фотографии на цвеќиња и мачиња повремено.
Каде најчесто ја наоѓаш инспирацијата за твоите фотографии? Дали чекаш спонтано да се родат идеите за твоите идни фотографии или ги бараш во музиката, филмот, природата, светот што не опкружува со сите мали и големи работи во него?
Инспирацијата за фотографирање ми доаѓа во некоја комбинација од спонтаност и планирање. Искрено станува збор за периоди. Некогаш сум подобра кога работам во спонтана атмосфера- има денови кога постојано „гледам“ во фотографски кадри, и тие денови го фотографирам она што го гледам. Кога сум во овој период идеите често ми се инспирирани од самото опркужување и само од тоа. А има и периоди кога ќе добијам некоја конкретна идеја за фотографија( или цела сесија) па ја склопувам со локација, модел и светло и одреден период работам од тоа. Во овие периоди големо влијание ми врши музиката што ја слушам.
Што мислиш за автопортретите како дел од оваа уметност и дали сакаш да се фотографираш самата себеси?
Сметам дека автопортретите се многу моќен одгранок на фотографијата. Низ нив авторот може да пренесе многу лични идеи и експресии кои верувам дека тешко би се постигнале доколку станува збор само за портрет. Често сакам да го користам автопортретот како медиум, токму од тие причини- кога имам нешто да кажам, а не знам како да се изразам преку зборови. Може да се каже дека за мене автопотртетите имаат и малку терапевтско значење.
А како ги доживуваш модните фотографии? Што е она во врска со нив што најмногу го привлекува твоето внимание?
Модната фотографија е навистина посебен спој на повеќе уметности и мислам дека комуникацијата помеѓу сите странки во тој процес е клучна. Најмногу ми се допаѓа кога ќе видам дека фотографот имал голема слобода во создавање на една модна фотографија и едиторијал; дека имал шанса да покаже како тој/таа ги доживувал работите што ги фотографирал.
Кои се твоите омилени модни фотографи? Што мислиш на пример за Тери Ричардсон и за неговата естетика?
Вера Ангелакова од модниот блог Aestheticsillustrated »
Не знам дали имам баш омилени модни фотографи. Дефинитивно би го издвоила Хелмут Њутон како уметник чии дела секогаш ми привлекувале внимание, но повеќе од тоа не знам дали можам да одвојам некој како омилен. Го почитувам делото на Тери Ричардсон, но неговата естетика за мене е малку премногу гранџ, а премалку мрачна. Сигурна сум дека има луѓе кои нема да се согласат со ова мое мислење, но јас така го доживувам овој познат уметник.
Кога не би било Скопје, каде би сакала да живееш?
Би живеела малку во Берлин, малку во Барселона, но секогаш би се враќала во Скопје.
Дали имаш некои омилени модели на кои постојано се навраќаш или постојано бараш нови предизвици?
Има луѓе кои периодично ми се инспирација, а има и некои на кои секогаш се навраќам. Тоа се луѓе чии ликови или личности ми будат некои убави чувства и знам дека лесно можам да комуницирам со нив. Но, има и огромна убавина во соработување со нови луѓе, нови лица, така што би рекла дека се обидувам да ја балансирам работата меѓу фотографирање на веќе познатото и новото.
Кое познато лице би сакала да го фотографираш?
Сергеј Полуњин. :)
Живееме во едно лудо време, па би сакале да те прашаме како е да се биде 27 годишна девојка која се занимава со оваа работа во Македонија? Која е твојата мантра за подобро расположение и како си ги полниш батериите?
Некој имаше кажано дека ако најдеш работа што ја сакаш, всушност нема да работиш ни еден ден (во некој слободен превод) и јас сум цврсто уверена во тоа. За мене фотографијата не е работа. Да, некогаш е работење на норма, но секогаш има убавина во неа. Истото ми е и со втората професија (работам како продуцент на театарски перформанс). Обете дејности самите по себе ме исполнуваат. Затоа тие ми даваат и сила и инспирација за да ги работам и понатаму.
Кое е последното парче облека што си го имаш купено?
Не сум сигурна точно што беше, ама сигурна сум дека беше нешто црно. :)
Која книга стои до твојот кревет во моментов?
Во моментов ја препрочитувам пак High Fidelity на Ник Хорнби. По некој трети пат ако не се лажам.
Кој е твојот омилен филм или режисер?
Омилен филм во однос на содржина ми остана Догма на Кевин Смит, а во однос на естетика ми е Fur: an Imaginary Portrait of Diane Arbus, како и сериите True Detective и Sherlock. Особено омилен режисер немам. Ми се допаѓаат некои периоди на браќата Коен, на Вес Андерсон и Спајк Џоунс.
И за крај дали би сакала да споделиш еден совет за сите што сакаат да фотографираат, а не се професионални фотографи? Како се прави добра фотографија? На што треба најмногу да се посвети внимание?
Секогаш го велам истото- најважна е идејата. Без да звучам како клише, ако постои добра идеја зад фотографијата, ќе се најде начин како таа да се изведе. Ако постои желба за развој во фотографирањето (не мора да станува збор за амбиции за станување професионален фотограф), основите на фотографијата лесно можат да се совладаат. Тие основи ќе помогнат на личности кои и можеби инстинтивно немаат „око“ за кадри. Преку нив се вежба чувството за постоење на кадрите. Но како и во секое друго поле, потребна е посветеност и многу работа.
Повеќе фотографии од Ерина можете да видите тука (или во нашата галерија тука) или на нејзиниот Инстаграм и Фејсбук профил.
види повеќе » |