Александар Смиљановски е менаџер за онлајн кампањи во ХТТПООЛ една од водечките агенции за дигитален маркетинг во Македонија и регионот.
„Ако до пред 10 години, промените се случувале во период од неколку месеци, денес трендовите можат да бидат дневни. Тоа ќе го искористат само оние кои ќе можат да ја препознаат и искористат таа прилика.“ Маркетинг |
Со Александар седнавме во едно кафуле во Дебар маало и поразговаравме за маркетингот и бизнисот, за развојот на дигиталните медиуми и актуелните случувања на ова поле во Македонија. Станува збор за млад креативен менаџер кое ја сака својата професија и секоја нова обврска ја смета за предизвик. Покрај овие теми позборувавме и за неговата кариера, но и за неговиот став кон модата и трендовите …
Како започна твојата приказна со маркетингот?
Како дете од генерацијата „Y“ или како што ја нарекуваат миленијалс буквално растев со првите компјутери, подемот на интернетот и мобилните телефони. Во тоа време, секојдневието ми се сведуваше на игри и на сите новитети што ги носеше во тоа време интернетот, почнувајќи од мирц, па сѐ до појавата на социјалните мрежи. Генерално во тоа време ги користев сите бенефити само како потрошувач, без да согледам во кој правец се движи интернетот и сите негови предности од бизнис аспект.
За маркетингот како поим од секогаш сум имал интерес и тоа се провлекувало уште од средношколските денови и токму тој интерес ми го олесни изборот на факултет. Така, решив да се запишам на Економскиот Факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на департман – Маркетинг. Факултетот несомнено ме научи и ме надгради како личност, но вистинското запознавање доаѓа во моментот кога самиот ќе си дозволиш да учиш, без да си наметнуваш било каква бариера или дефиниција за маркетингот.
Работата како менаџер за онлајн кампањи во вашата компанија сигурно со себе носи многу предизвици. Како изгледа еден Ваш работен ден?
Работниот ден вообичаено го започнувам со контрола на претходниот ден, бидејќи сите кампањи кои ги менаџираме се со различно траење, од еден ден до повеќе месеци. Под контрола подразбирам тековно следење на реализацијата на кампањите и оптимизирање, односно нивно подобрување, па потоа се пие утринското кафе :) Мојата главна одговорност е успешноста на интернет кампањите и задоволување на барањата на клиентите, но се јавувам и како директен соработник со медиумите. Токму затоа постојаната комуникација со двете страни е неопходна и воедно нуди интересна динамика и возбуда.
ХТТПООЛ денес е една од најдобрите и најпознатите меѓународни огласувачки мрежи на повеќе канали, која има 21 канцеларија во Централна и Источна Европа и Азија. Ќе ни кажете ли како и кога започна приказната на оваа успешна компанија во Македонија и што мислите дали во Македонија на интернет маркетингот му посветуваат доволно внимание и дали треба нешто да се менува во оваа област? Кои се главните предизвици со кои што се соочуваат клиентите и која е предноста на рекламирањето на интернет во однос на другите медиуми?
ХТТПООЛ е основана во 2000 година во Словенија, а канцеларијата во Македонија е отворена во 2005 година и до денешен ден е во постојан раст. Што се однесува до интернет маркетингот во Македонија сѐ уште е во раст и развој, што не се должи на квалитетот на работата на агенциите, туку на комфорната зона во која се наоѓаат македонските компании. Промената никогаш не е лесна, особено не во моменти кога менаџерите на компаниите треба да издвојат буџет за интернет маркетинг кампањи. Токму затоа сметам дека треба континуирано да се вложува во едукација во оваа област, бидејќи за многумина е сѐ уште само апстрактен поим. Бенефитите на интернет маркетингот во однос на другите традиционални канали на комуникација се многубројни. Почнувајќи од пониските трошоци, мерливоста, сегментираноста на таргет публика, практично на пекарот му продавате брашно, а рекламната порака може да стигне на бесконечен број начини и форми, без разлика дали е видео, текст, слика….
Кои се клучните вештини и способности што треба да го поседува еден менаџер за онлајн кампањи за да биде успешен во денешно време?
Пред се, треба да се биде одговорен, систематичен и на моменти интуитивен, бидејќи правилата на игра постојано се менуваат. Интернетот е жива материја која е во постојана промена и експанзија, па така мора брзо и ефикасно да се приспособиш кон тие промени. Исто така, како важен елемент кај секој што би сакал да се развива професионално во оваа област е желбата за постојана надградба и учење. Ако до пред 10 години, промените се случувале во период од неколку месеци, денес трендовите можат да бидат дневни. Тоа ќе го искористат само оние кои ќе можат да ја препознаат и искористат таа прилика.
Бидејќи првенствено сме моден магазин, не можеме а да не Ве прашаме дали ја следите модата и како би го опишале Вашиот стил?
Како дебармаалско дете пораснат низ скопските улици преферирам секојдневен и комотен стил на облекување, без многу експериментирања со стилот. Често знам да се инспирирам од социјалните мрежи, а слаба точка ми се часовниците, бидејќи никогаш не се доволни.
Каде се гледате себеси за десет години?
Една од предностите на оваа работа е тоа што не е неопходно да си присутен на одредена локација, за да може да се сработи тоа што е потребно. Па така аналогно на муабетот се гледам на некој карипски остров со продолжен кабел и интернет :)