Реклама
Интервју

Секогаш еден чекор поблиску – разговор со Игор Киров, најпознатиот македонски балетан и кореограф

Реклама

Разговаравме со една извонредна личност, која со својот талент неуморно ја преставува нашата земја низ разни земји во светот како што се Холандија, Швајцарија, Франција, Германија, Австрија…

Станува збор за Игор Киров, најпознатиот македонски балетан и кореограф, кој досега има настапувано во скоро сите позначајни балетски куќи во светот, а неговите почетоци се случија токму тука, во нашата земја, пред многу-многу години… :)

Маркетинг

Игор, ми се чини дека танцуваш од … од секогаш. Кога и како всушност го откри својот талент?

Почнав да се занимавам со оваа професија уште од дете, кога почнав да одам во пионерскиот дом во Штип (тогаш постоеше Пионерски дом и имаше секции меѓу кои и секција за балет, рекреативно, се разбира). Ги гледав на MTV спотовите на Madonna, Janet Jackson, филмовите Flashdance, Dirtydancing и т.н., кои во мене будеа уште поголема страст за тоа што го работам сега, а страста се зголемуваше како што растев. Дојде Макфест, од каде што и луѓето ме запознаа. Беше тоа далечната 1990, се појави едно мало дете кое имаше талент и кое сакаше да игра… па следуваше Мак Денс, па дојде Скопје… Со самото мое доаѓање во Скопје влегов во Ребис, а паралелно се надградував и во МБУЦ. Многу луѓе ми укажаа на талентот што го имам во мене, додека желбата да успеам во тоа што го сакам стануваше уште поголема. Како минуваше времето продолжив да се надградувам, значи поминував часови и часови во студијата, се трудев да научам колку што можам повеќе, се додека не сфатив дека можам многу повеќе и решив да се обидам – на моја голема радост бев примен на една од најдобрите академии за модерен балет во Rotterdam, од каде што започнува целата моја професионална кариера.

Маркетинг

Знам многу луѓе кои ти се восхитуваат. Тоа што го правиш ги инспирира. Што е тоа во што ти наоѓаш инспирација, на што се восхитуваш?

Работата со луѓе кои ја сакаат својата професија, луѓе со кои можеш да работиш со часови без да се почувствуваш изморен, туку напротив – целосно исполнет после секој работен ден. Тоа е една голема мотивација и воедно инспирација за мене. Луѓе кои имаат желба, со кои можеш да споделиш идеи, и да добиеш инспирација за работа.

Неодамна Ребис го прослави својот 20 годишен јубилеј со концерт на кој, можам да кажам, ти беше ѕвездата на вечерта. Што мислиш за танцот во Македонија? Дали се развиваме, дали имаме потенцијал?

Благодарам! Па вака… кога си искрен и отворено ја кажеш вистината во Македонија луѓето веднаш почнуваат да те сметаат за непријател, а ти едноставно го кажуваш тоа што е реално. Навистина е штета, но реално можеме да направиме толку многу, а се прави толку малку, се има потенцијал, се има услови, само недостасуваат вистинските луѓе на вистинското место. Треба да се има желба, волја, идеи и голема поддршка за ние да тргнеме напред, во вистинската смисла на зборот.

Знам дека многу патуваш, имаш пријатели насекаде. Која е втората работа во животот, после танцот, за која одвојуваш најмногу време?

Сакам да патувам, да откривам нови простори, да запознавам нови култури, луѓе…

Кои се твоите моментални ангажмани, и можеш ли да ни откриеш нешто од плановите за иднина?

По шест неделна работа со студентите на „Skopje Dance Academy“ каде работевме навистина напорно и продуктивно, и од кои сум презадоволен како тие напреднаа и како брзо успеаја да го совладат материјалот што им го дадов како подлога за мојот стил на работа, заминувам во Словенија каде ќе ја започнам преставата HELIUM која е во продукција на Домот на Културата од Цеље. Оваа престава воедно ќе биде и првата танцова продукција која ќе ја обработува темата „Што некогаш беше Југославија и тоа што е сега“. Музиката е напишана од страна на Битолчанецот Горан Бојчевски, за кого морам да признаам дека направи едно извонредно 50 минутно дело во кое преовладува нашиот етно мелос со многу емоции и енергија. Кореографијата, сценографијата и костумите се мои, а за драматурксиот дел се ангажирани Зоран и Мира Лешиќ од Сараево. Танчарите се од Словенија, Хрватска и Македонија. Премиерата е закажана за 2 март 2013 во градот Велење во Словенија.

По премиерата во Словенија пак се враќам во Македонија каде заедно со членовите на Танцовиот Театар Скопје, во склоп на TanzFesto Skopje ќе направиме уште една премиера која што веќе е закажана за 13 април. Потоа имам уште неколку можности и понуди за соработка, за кои што се уште размислувам, па наскоро ќе треба да потврдам и одлучам што, како и каде…

 

Би сакале да имаме можност повеќе да те гледаме на нашата сцена. Има ли шанси тоа да се случи?

Искрено се надевам дека тоа ќе се случи во најблиска иднина, иако правам се што можам и колку што можам за да бидам тука, да покажам, пренесам, поставам… Но, едноставно, тоа секогаш не зависи само од мене. Многу е тешко да се биде вистински уметник во држава каде и во културата е замешана политиката, што е жалосно, но тука тоа е реалност.

Јас сум оптимист и се надевам дека ќе дојдат подобри времиња каде ние како уметници нема да зависиме политички, туку ќе се поддржуваме меѓусебно и ќе го цениме заедничкиот успех што го градиме во и надвор од нашата држава.
Бидејќи, доколку ние меѓусебно не се поддржуваме и не се цениме залудно е кога ќе редиме успеси надвор од државата, а внатре тие што треба да те наградат, едноставно нема ни да ве поддржат.

Каде најчесто купуваш облека? Имаш ли омилен град, продавници за шопинг, марка…?

Па вака, имам повеќе омилени градови каде што се чувствувам како дома, што би се рекло…Често купувам во ZARA, но не заостануваат и  G star i Diesel :)

Твој омилен моден детаљ?

I love shoes (патики, кондури, чизми…)
Сакам и се трудам секогаш да бидам добро облечен :)

*(заб. Фестивал на кореографски минијатури во Белград, каде балетската
точка “Touch” на нашиот познат танчер и кореограф Игор Киров ја освои
втората награда, во конкуренција на натпреварувачи од 28 земји)

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button