Реклама
CelebrityИнтервју

Андријана Јаневска: „Откако станав мајка приоритетите ми се променија“

Реклама

Мајка, сопруга, пејачка, прва виолина во Македонската опера и балет, сака да игра шах но исто така ужива и во возење мотор. Андријана Јаневска минатата година ја заокружи со издавање на песната „ Летај“, посветена на нејзината покојна мајка. Што прави во моментов, како го поминува периодот на пандемија, но и колку ја промени мајчинството прочитајте од нашиот разговор во продолжение.

Помина една исклучително тешка година за сите, но исто така многу тешка година за музичарите, како ја поминавте годината, без настапи и концерти?

Јас сум вработена како прва виолина во Македонската Опера и Балет, а изминатата и оваа година имавме редовни концерти и настапи, вклучувајќи ги Охридско Лето, Скопско Лето, потоа разни концерти во текот на есента, балетски концерти, пеев и на Василичарскиот концерт, а годинава имавме и концертна премиера на Кармен каде во главната улога настапи мојата сестра мецосопранот Николина Јаневска. Во глобала, цело време бев работно ангажирана, иако за нијанса помалку отколку другите години со оглед на ситуацијата со пандемијата. Но, за жал, огромен дел од музичарите кои живеат од настапи во ресторани и клубови буквално останаа без леб цела година.

Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, нов начин на живот за сите?

Единственото добро е што имав повеќе време за домот и семејството, но мислам дека нема човек кого не го фати психолошка криза. Адреналинот ни се таложи, а немаме каде да го потрошиме. Но, еве ја пролетта а доаѓа и лето, па почесто ќе престојуваме на отворено и се надевам дека полесно ќе го издржиме периодот кој следува.

Маркетинг

Која е вашата утринска рутина, како ви започнува денот?

Станувам во 07:30 и додека поголемиот син се подготвува за училиште го пијам утринското кафе. Потоа појадок, па тековни обврски: часови на ФМУ, часови во моето училиште, работа во студио или проба во опера. Важно ми е секој ден ручаме сите заедно во семејството и тоа е она кое сакам да им го пренесам и на моите деца: дека секогаш семејството треба да биде на пиедесталот.

Вашата професија е јавна, имате ли доволно време да се посветите на мајчинството?

Се разбира. Никогаш не сум имала желба да се експонирам, повеќе сум креативен тип и ме интересира процесот на создавање и творење. Со децата сум најголем дел од денот, задолжително шетаме секој ден, на тој начин се учат да бидат физички активни и да ја сакаат природата. Имаме 3 мачиња и 2 кучиња, а кога сме внатре дома најчесто редиме сложувалки, играме со коцки или колички, а знаеме да играме и видео игри.

Маркетинг

Колку и како ве промени мајчинстовото?

Откако се родија децата приоритетите ми се променија. Тие се број еден, а се’ друго може да почека. Кога сум со нив и јас на некој чудесен начин се враќам во детството и повторно се чувствувам како дете. Се воодушевувам на детските итроштини и со задоволство следам како го впиваат секое ново животно искуство.

Што ве прави горда мајка?

Секоја мајка се гордее со своите дечиња, не мора да се тоа некакви дипломи и титули. За мене е доволно да се добро воспитани, да ги почитуваат другите луѓе без предрасуди, да го ценат другарството, да помагаат, да знаат кога погрешиле и да кажат извини.

Може ли дечињата да тргнат по стапките на мама, па и тие се занимаваат со музика?

Големиот син Димитар (9) неколку години свири пијано кај проф. Бобан Мирковски во Нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј“, а Кристијан (6) ќе го пријавам на следните уписи, па професорите ќе оценат дали ќе го примат. Според мене и двајцата се музикални, имаат предиспозиции, имаат услови, но нивно е дали ќе го одберат тој пат.

Како го негувате вашето лице? Дали можеби имате бјути рутина што ја повторувате секое утро?

Најдобрата нега што еден човек може да си ја даде е да биде среќен. Мене ме прават среќна наједноставни нешта: кога ќе се разбудам наутро и ќе видам сонце, кога ќе одиме фамилијарно на некоја планина низ Македонија, кога децата ми се радосни, здрави и весели… Имам разни хобија како на пример играње шах, возење мотор, пливање, градинарство, читање…

Кои се вашите омилени козметички производи?

Не сакам да бидам роб, не ми е важно производот да е од некој бренд… Користам помада наутро и навечер и тоа е се’.

Што има секогаш во вашиот несесер?

Со оглед на тоа што минатава година ја поминавме под маски, единствено ставам туш за очи и римел. Кога патував пред пандемијата, вообичаено во несесерот имав лабело, кармин, туш, римел, четка за коса и мала помада.

Кое е вашето животно мотно?

Живеј и остави ги другите да живеат.

Што ве исполнува и прави среќна?

Спокојството во мојот дом.

Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија?

Мислам дека на сите нас ни недостасува слободата. Слободно да се гушнеме, слободно да пееме, шетаме, играме…

Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?

Многу сакам да патувам, па би сакала да посетам некои места на кои не сум била. Исто така, сакам да истражувам и да учам нови работи и вештини. Би сакала на пример да го усовршам италијанскиот јазик.

Која лоша навика сте успеале да ја победите?

Хмм, јадење симит погача во Чаир секое утро.

Што следно може да очекува публиката од Андријана?

Годинава ќе ја посветам на одбраната на докторатот на кој работев шест години. Собрав над 150 македонски традиционални песни на територијата на Албанија каде живеат Македонци. На тој начин ќе докажам дека фолклорот во тие региони е неразделен дел од целокупниот фолклор на македонскиот народ, а песните засекогаш ќе бидат зачувани од заборавот.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button